Судењето за тепачката во Охрид во која подебелиот крај го извлече Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб со контроверзно име „Цар Борис Трети“, што случајот го подигна на дипломатско ниво, ќе започне на 28 февруари.
Судскиот процес ќе го води судијата Бојан Мартиноски. Засега на обвинителна клупа ќе седне едно лице, а против две се уште се трага. Обвинетиот кој за време на истрагата се бранел со молчење, деновиве е пуштен да се брани од слобода, дознава Охридњуз.
Основното јавно обвинителство Охрид на 8 февруари поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Тешка телесна повреда од омраза поради националната и етничката припадност. Со ваквата квалификација не се согласува стручната јавност, дотолку повеќе што во текот на истрагата се појавија информации дека еден од напаѓачите кој е недостапен за истражните органи, бил бугарски државјанин, а оштетениот Пендиков кој имал само бугарски чувства немал бугарско државјанство.
Во меѓувреме Пендиков кој во телевизиско интервју тврдеше дека бил нападнат затоа што се чувствувал како Бугарин, доби живеалиште во Бугарија и заштита од тамошната држава која со владин авион го пренесе од Охрид во Софија непосредно по инцидентот, каде тој беше лекуван.
Стручњаците предупредија дека во целиот случај има влијание на политиката, што може да се одрази на правниот процес.
OhridNews