Претседателот на Судот соопшти дека Одлуката е донесена со 15 гласа „за“ и еден „против“. Судот се прогласи за надлежен во врска со овој случај, со 14 гласа „за“ и два гласа „против“.
Како што пренесува МИА, судот се изјаснал дека не навлегува во одлуката на НАТО на Самитот во Букурешт ниту во преговорите за разликите околу името што се водат во ОН, и тие две прашања, не влијаат на надлежноста на Судот да одлучува дали е прекршен член 11 од Времената спогодба.
Судиите ги одбија грчките обвинувања дека Македонија била таа што ја прекршила Времената спогодба. Тужителот (Македонија) не ја прекршил спогодбата пред Самитот во Букурешт. Тужениот (Грција) не успеа да докаже прекршување на Спогодбата од страна на тужителот (Македонија), освен за користење еден симбол во 2004 година.
Пресудите на Меѓународниот суд на правдата се конечни и обврзувачки за земјите-членки на ОН, односно за страните во спорот и во огромен процент тие се испочитувани.