Судот во Струга го прогласи за виновен градоначалникот Рамиз Мерко по обвинението за извршено кривично дело „несовесно работење во службата“, односно за сторени нерегуларности при назначувањето вршители на должност директори на општински основни училита во селата Лабуништа, Радолишта и Подгорци.

Судијата Јордан Јованов кој го водеше процесот за стореното кривично дело на обвинетиот му изрече парична казна, во износ од сто дневни глоби односно вкупно пресметано десет илјади евра во денарска противвредност.

Образложувајќи ја пресудата, судијата истакна дека при донесувањето на одлуката и пресметувањето на висината на казната имал предвид повеќе олеснителни околности, пред се тоа што обвинетиот нема кривично досие односно не е претходно осудуван.

Меѓу другото, судијата Јованов рече дека за разлика од претходна ослободителна пресуда каде во ревизорскиот извештај немало забелешки за набавката на луксузното возило „Ауди А6“, додека во овие предмети обвинетиот постапил спротивно Законот за основно образование, како и дека постојат извештаи и записници од извршен надзор од Државен просветен инспекторат со наведени членови каде е постапено спротивно законот.

Во однос на наводите дека постои поделена одговорност меѓу градоначалник и министер во назначувањето директори, градоначалникот назначува и именува директори на општински основни училишта, како што е во предметот. Според тоа именувањето го прави градоначлникот и во решенијата стои негов потпис, рече судијата.

Сите директори, како што рече, назначувани на функцијата вд. директори во предметот се гледа дека истите не се бирани од редот на вработените, без објавен јавен оглас, без искуство од пет години и оти се бирани едноподруго, иако така не е дозволено по закон.

Не е спорно дека поставените директори ја вршеле работната обврска, но спорно е дали можело да бидат назначувани. Постојат правила како се прави тоа и се додека тие се во важност не смее да се заобиколуваат, истите мора да е почитуваат, рече судијата.

Имајќи предвид дека се работи за повеќе случаи, за повеќе училишта, и спротивно записниците од инспекцисниот надзор во кои е укажувано на неправилностите, се работи за продолжена процедура на назначување директори, и тоа во за повеќе лица и повеќе пати, едно лице дури шест пати едноподруго без посебно одобрение.

Како олеснителна околност Судот ја имаше предвид ситуацијата дека во секој сектор има недостиг од кадри и дека работата морало да се реши, вработените да земаат плата, Судот ќе ценеше при одмерувањето на видот и висината на казната. Сите тие околности, земени во склоп со фактот што обвинетиот не е досега осудуван, водат кон тоа Судот да се одлучи да го осуди на парична казна, рече Јованов.

Застапниците на Обвинителството најавија дека ќе ја обжалат пресудата.

Против Рамиз Мерко пред Основниот суд во Струга се водат уште два одвоени предмети по обвинение за назначување директор во училиштето „Браќа Миладиновци“ што е во завршна фаза, закој разврската се очекува наредниот месец. За наредниот месец судијата Јованов го закажа и рочиштето по предметот за училиштето во селото Велешта, каде има и обвинети што се товарат и за фалсификување исправа, на кое останува да се сослуша уште само еден сведок. Против Мерко се води и процес во кој тој е обвинет за незаконско поставување спомен-обележје пред општинската зграда.

Судот во Струга пред десеттина дена донесе ослободителна пресуда по предметот што против Мерко се водеше за набавката на луксузното возило „Ауди А6“ и други возила за потребите на Општината во вкупна вредност од 114 илјади евра.