„Бараме нов закон за судска служба, а не препишан закон“, „Наместо да добиеме 35, не казнивте со 40 отсто, „Или закон или бришка“,„Не бараме преку леб погача, бараме еднакви права“, се дел од транспарентите кои можеа да се видат денес на протестот на Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација, пред министерството за правда. Судската администрација штрајкува од 12-ти декември, кога почнаа со двочасовен прекин на работата, што беше предупредувачки штрајк, но претседателот на УПОЗ, Пеце Грујоски, вели дека и по шест месеци надлежните од судската власт не го слушнале нивниот глас.
„Очигледно не нѐ слушнаа, не нѐ разбраа, или не сакаат да нѐ разберат. На 24-ти и 25-ти март настапивме со тридневен штрајк кој заврши со импозантен протест на кој секој можеше да ја разбере нашата порака. Само надлежните повторно не нѐ разбраа. Имавме трпение, одложувавме на двапати со цел да им дадеме шанса да донесат решение со кое и судските службеници ќе бидат рамноправни со другите вработени. Значи, ништо повеќе од тоа. Не баравме преку леб погача. Меѓутоа, очигледно е дека судската власт секогаш ја заборава судската администрација. Тие како да мислат дека во судовите работат само судии“, рече Грујоски.
На протестот Грујоски му се обрати и на новиот министер за правда Валдет Џафери, и рече дека дошле да му кажат дека овие луѓе се онеправдани, дека бараат решение.
„Го замолувам министерот во наредните 15-20 минути да прими претставници и да разговара. Поминаа шест дена откако им понудивме спогодба која нуди решение и за синдикатот и за власта, меѓутоа се определија да не игнорираат до денес, па како резултат на револтот дојде иницијативата од скопските судови да дојдеме тука на протест и уште еднаш да не слушнат. Навистина не би сакале да се радикализираат методите. Револтот се повеќе се зголемува кај нашите членови, особено после барањето на списоци кој штрајкува и кој не штрајкува, без разлика што тоа е вклучено во Законот. Ако има толку намера да го почитуваат, тоа требаше да го прават од првиот ден. Тоа своевиден притисок да се скрши отпорот. Но, повеќе членови низ Македонија се подготвени од понеделник да штрајкуваат и со глад. Дали оваа судска власт ќе го дозволи тоа, дали кон сите наши заложби конечно ќе седне да преговара и да ни каже – дали сме во право или не? Јас мислам дека 100 посто сме во право“, рече Грујоски.
Инаку, веќе неколку месеци судската администрација преку штрајковите бараат 35 отсто за додатоците за плата, како што им беа зголемени мартовските плати на судиите, јавните обвинители и на вработените во јавно – обвинителската служба.
Вработените во судовите бараат и измени на спорните одредби од Законот за судска служба, Законот за јавен сектор и Законот за административни службеници, како и враќање на работното време за судските службеници, од 7.30 до 15.30 часот.
OhridNews
извор Макфакс