Судовите во Македонија ќе ги затворат вратите следната недела, објави „Утрински Весник“.

Вработените во судската администрација ќе штрајкуваат на 22, 23 и 24 март и нема да има никакви отстапки од донесената одлуката за штрајк од пред десетина дена, од Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани, УПОЗ, и Здружението на судска администрација.

Според претседателот на УПОЗ, Пецо Грујовски, исцрпени се сите обиди да се најде заеднички јазик со Министерството за правда за барањето на вработените за повлекување на Законот за судска служба, кој е донесен лани во февруари, без консултации со Синдикатот. Според вработените, овој Закон содржи многу сличности и еднаквости со Законот за јавна администрација кои имаат норми кои се скоро воопшто неприменливи во практика.

„По подолго време, низ многу преговори со надлежните од Министерството, се’ уште нема никаков позитивен одговор на нашите барања. Иако се формираше и заедничка работна група која требаше да работи на новиот текст на Законот. Напротив, и покрај предупредувачкиот штрајк во декември минатата година, работите до денес не се променија и немаме никаков одговорот од надлежните во врска со нашите писмени реакции и барања. Вработените се револтирани и сакаат со штрајкот да извршат притисок за прифаќање на нивните законски предлози“, вели Грујовски. Тој додава дека остануваат уште три дена до официјален старт на штрајкот и дека нема никаква веројатност во овој временски период да се случи пресврт. А, ако има сигнали за такво нешто, Синдикатот ќе бара писмено ветување од Министерството.

Инаку, тридневниот штрајк следната недела ќе започне пред Министерството за правда, Министерството за информатичко општество и администрација и ќе заврши пред Владата. „Додека трае штрајкот судските службеници нема да бидат на работните места и нема да ги извршуваат обврските, освен оние за кои е потребно минимум функционирање на судот, како што е предвидено во Законот за судска служба. Штрајкот ќе трае во текот на полното работно време“, објасни Грујовски.

OhridNews
Извор:„Утрински Весник“