Одложено судското рочиште против струшкиот градоначалник Рамис Мерко за несовесно работење во службата во училиштето во Велешта и против Егзона Шеи, која во два последователни мандати ја извршувала функцијата в.д. директор, а според обвинението, се товари за фалсификување исправа.

Причината за одложување на денешното рочиште е отсуство на бранителот на Мерко кој е на боледување.

Најпрво беше примено барање за одлагање од сведокот, единствениот кој остана да го сослушаме со образложение дека од здравствени причини морал да се јави на преглед во струшка Болница. Веднаш штом го примив барањето за одлагање изреагирав побарав да стапам во контакт со сведокот, му кажав за можноста за поместување на терминот со приоритет да заврши и да биде слободен за судењето. Откако се среди тоа примив ново барање за одлагање, овој пат од бранителот на обвинетиот, во кое известува дека отворил седумдневно боледување, информира Јованов.

Боледувањето, нагласи, трае до 15 јули, кога почнува судската ферија, поради што рочиштето е закажано за 16 септември. Посочи дека потребна е соработка од сите за предметот да заврши.

За одбраната на Шеи, Димитрија Цобоски, обвинетата, која за судењето дошла од странство, има интерес што побрзо да се заврши предметот, бидејќи, како што рече, сметаат дека обвинението против неа не е издржано и не е поткрепено со соодветни докази.

За судскиот процес за незаконското поставување директори во училиштето во Велешта и фалсификување документ останува сослушувањето на уште еден сведок, а потоа и на обвинетите по што треба да следува пресуда.

OhridNews