Во организација на Министерството за култура и туризам, денеска во Музејот на македонската борба се одржа завршната јавна расправа за Нацрт-националната стратегија за туризам 2027 – 2032, на која беа разменети мислења, предлози и препораки за унапредување на идните насоки за развој на туристичкиот сектор во земјава.

Нашата цел е да развиеме меѓународно конкурентна туристичка дестинација која ќе овозможи подолг престој на туристите во текот на целата година. Преку збогатување на туристичката понуда, унапредување на квалитетот на услугите и промоција на природното и културното наследство, се стремиме кон одржлив развој на туризмот, рамномерен развој на регионите и поголеми економски придобивки за локалните заедници, рече Сулејмани.
Тој нагласи дека богатото природно и културно наследство, разновидната гастрономија и гостопримливоста на луѓето се значајни туристички предности, кои отвораат можности за развој, но истовремено наметнуваат обврска за нивна одговорна заштита и промоција.

Стратегијата е усогласена со Националната развојна стратегија 2024 – 2044 и со Европската агенда за туризам 2030.
Сулејмани упати благодарност до Работната група и експертскиот тим од универзитетите за изработката на сеопфатната анализа, до Советот за промоција и поддршка на туризмот, до општините и центрите за развој на планските региони, кои беа домаќини на регионалните работилници, како и до туристичките работници, посетителите и граѓаните кои учествуваа во анкетите. Посебна благодарност упати и до меѓународните партнери – Амбасадата на Швајцарија, преку програмата ИМЕ, и Канцеларијата на Светската банка, за нивната стручна и финансиска поддршка.

Амбасадорот истакна дека одржливоста треба да биде основа на туристичкиот развој, при што економскиот раст мора да оди паралелно со унапредување на квалитетот на туристичката понуда, заштитата на природното и културното наследство и создавањето конкретни придобивки за локалните заедници и бизнисите.

Во таа смисла, најави продолжување на програмата ИМЕ, која ќе даде поддршка во имплементацијата на Националната стратегија преку зајакнување на координацијата во секторот, развој на патоказ за интегриран систем за е-туризам и унапредување на капацитетите на Министерството за управување и следење на нејзината реализација.

Нацрт-верзијата на Националната стратегија за туризам 2027 – 2032, заедно со Акцискиот план и индикативниот финансиски план за периодот 2027 – 2029, е достапна на ЕНЕР.
OhridNews
фото. Министерство за култура











