Шансите за пласман во плејофот се сведени на минимум за Ракометниот клуб Струга, откако избраниците на Андон Бошкоски пред своите гледачи претрпеа тесен пораз од Бутел Скопје (24-23) во една од двете пресметки кои ја одбележаа 9-та рунда во Супер лигата.

Стружани добро ја отворија сезоната и беа во самиот врв од табелата, но комплетно потрфрлија во пресметките со екипите кандидати за висок пласман претрпувајќи порази. Ракометарите на Струга заостануваат осум бодови од петтопласираниот Пелистер и четвртопласираниот Пролет и само чудо може да ги одведе во плејофот.

Вториот меч кој ја одбележа деветтата рунда се одигра во Охрид. „Гладијаторите“ во еден од највозбудливите натпревари сезонава во Супер лигата го совладаа Пелистер (25-22) иако домашните ракометари имаа негатива 18-12. Пелистер имаше таква „среќа“ да ја почуствува целата моќ на охридската публика, која, беше ветар во грб на охриѓани кога се кршеше мечот.

Во 9-та рунда победи забележаа Пролет кој со 40-24 славеше против Прилеп, Радовиш над Борец 45-34 и Еурофарм Работник кој со триумфот над Вардар Јуниор (40-23) ја заокружи доминацијата во Супер лигата.

Резултати: Охрид – Пелистер 25-22, Прилеп – Пролет 24-40, Струга – Бутел Скопје 23-24, Радовиш – Борец 45-34, Еурофарм Работник – Вардар Јуниор 40-23.

Табела: Еурофарм Работник 27, Бутел Скопје 18, Охрид 18, Пролет 15, Пелистер 15, Струга 10, Вардар Јуниор 9, Радовиш 6, Прилеп 4, Борец 0.

Двојки 10.коло: Радовиш – Вардар Јуниор, Струга – Борец, Прилеп – Бутел Скопје, Охрид – Пролет, Еурофарм Работник – Пелистер одложена.