ГРК Охрид забележа голема победа во дербито од 6. коло на ракометната Суперлига, совладувајќи го Алкалоид вечерва во „Билјанини Извори“ со 26:24 (15:11). Со новите два бода охриѓани се искачија на четвртото место на табелата со 9 бода, веднаш зад водечката тројка Вардар, Еурофарм Пелистер и Алкалоид.

Охриѓани одиграа цврст и борбен натпревар против екипа која во Охрид пристигна со максимален ефект од пет победи. Домаќинот уште во првиот дел успеа да ја наметне својата игра и на паузата замина со четири голови предност (15:11).

Во второто полувреме Алкалоид се обиде да се врати во натпреварот и ја направи завршницата неизвесна, но „гладијаторите“ останаа прибрани во решавачките моменти и ја сочуваа предноста за конечни 26:24.

Нападот на Охрид беше добро распределен. Доминик Мате постигна 6 гола, Сухиџи Јошида  и Анте Иванковиќ по 5, Јапонецот непогрешлив (5 од 5), а Хрватот исто така со добра реализација (5 од 8), Тилен Стрмљан постигна 4, Дарко Ѓукиќ 3, Николаос Лиапис 2 од исто толку обиди, а Никола Зечевиќ 1 гол. Значаен придонес во победата даде и голманот Дино Славиќ со 10 одбрани, од кои неколку во клучни моменти.

Кај Алкалоид најефикасен беше Никола Костески со 6 гола, Дамјан Митев постигна 5, Урош Борзаш 3, Марко Митев 2, додека останатите осум погодоци ги постигнаа осум различни ракометари.

Ракометарите на Охрид во текот на целиот натпревар беа бодрени од верните „Рибари“, кои му дадоа дополнителен импулс на тимот во клучните моменти од дербито.

Ова беше трето големо дерби за ГРК Охрид во првите шест кола. На стартот од сезоната охриѓани во „Билјанини Извори“ одиграа нерешено со Еурофарм Пелистер, а во претходното, петто коло, загубија на гостувањето кај актуелниот шампион Вардар 1961. Против Алкалоид стигна првата победа во оваа серија дерби-пресметки.

По шест одиграни кола Охрид има скор од четири победи, едно реми и еден пораз и 9 освоени бодови, со гол-разлика 180:145. Вардар е лидер со максимални 12 бода, пред Еурофарм Пелистер со 11 и Алкалоид со 10. Охрид е четврти со 9, а Прилеп петти со 8 бода.

Пеколниот ритам за ГРК Охрид продолжува. Покрај обврските во домашното првенство, „гладијаторите“ ги очекува и европски предизвик. На 23 и 24 октомври во „Билјанини Извори“, Охрид ќе ги одигра двата натпревари против турски Спор Тото СК, во второто коло од ЕХФ Европскиот куп.

Фото галерија:

ГРК Охрид го доби дербито со Алкалоид

Г.М.
Фото: А. Момироска