Ракометарите на Охрид забележаа значајна победа во дерби натпреварот од 12 коло од Супер лигата. Во прекрасна атмосфера вечерва во салата „Билјанини извори“ Охрид го совлада Алкалоид 28:24, полувреме 17:11.

 

Екипата на Борис Ројевиќ влезе со исклучителна енергија во мечот. „Гладијаторите“ играа цврсто во одбраната и разновидно во нападот, што на Охрид му донесе предност од 6 гола на полувреме. Алкалоид силно тргна во вториот дел. Гостите за десет минути ја преполовија предноста на домаќинот, а потоа се доближија и на -2. Охрид одговори на предизвикот и за кратко време повторно резултатски се одлепи. До крајот гостите се обидоа да се вратат во игра, но Охрид не дозволи и заслужено славеше.

Извонреден натпревар одигра Тилен Стрмљан кој беше незадржлив и постигна 11 гола, а одличен беше и Иванковиќ кој прецизно стрелаше 7 пати.

Целата екипа, секој играч вечерва даде се од себе. Одигравме така како што се договоривме и во првото полувреме дозволивме противникот да постигне само 11 гола.  Во второто полувреме направивме неколку грешки, со кои го вративме противникот во игра но повторно се кренавме и заслужено победивме, изјави играчот на мечот Стрмљан.

Статистика ГРК Охрид: Стрмљан 11, Ојлески 1, Јагуриноски 2, Иванковиќ 7, Кукуловски, Крсманчиќ, Ристески, Тасески 2, Реј, Савревски 2, Лиапис, Блажески (2 одбрани), Петриќ, Ѓукиќ 2, Пилиповиќ (5 одбрани), Ѓорѓески.

 

Победата над Алкалоид е одлична увертира пред двомечот од 3 коло од ЕХФ Европскиот куп со Слога Добој кој претстои. Првиот меч се игра во недела во Охрид во 18 часот, а реваншот е на 22 ноември во Добој.

Имаме одлична атмосфера во тимот и тоа беше пресудно за овој натпревар. Треба само да продолжиме да работиме и ветувам ќе се радуваме на уште многу успеси заедно, изјави по мечот тренерот на ГРК Охрид Борис Ројевиќ.

Фото галерија:

 

 

Г.М.
Фото: А. Момироска