Ракометарите на Охрид загубија во претпоследното коло од плејофот во Супер лигата од Еурофарм Пелистер 22:25 и се спуштија од второто на третото место на табелата.
ГРК Охрид не го издржа притисокот во преполната сала “Билјанини Извори” и целосно потона во желбата за да оствари добар резултат.
Клучно беше првото полувреме кое гостите го добија 10:16. Охрид се подигна во вториот дел, но недоволно за повеќе од пристоен пораз.
Играч на натпреварот беше гостинскиот голман Никола Митески со 16 одбрани, додека голманот на Охрид Кристијан Прибетиќ мечот го заврши со 11 одбрани.
Сега Е. Пелистер и Охрид се израмнети на табелата, но битолчани имаат подобра гол разлика.
Во последното коло Охрид му гостува на Тиквеш, а Е. Пелистер го пречекува Алкалоид.
Пред тоа ГРК Охрид ќе гостува на Татабања во првиот натпревар од финалето во ЕХФ Европскиот куп.
Г.М.
















