Деветчлена експедиција од Планинарското друштво Трансверзалец трета година по ред успешно пеш ја поминаа 250-километарската траса која почнува од врвот Љуботен висок 2498 метри, а завршува во охридското село Црвена Вода.
На стартот, планинарите од Трансверзалец броеја десет членови, но еден од нив се откажа во Маврово. Останатите девет меѓу кои и Калина Велевска здрави, среќни и весели по десет дена стигнаа во Извидничкиот камп во Далјан.
– Пред три години кога се реставрираше оваа трансверзала имав голема желба да ја поминам, но поради сплет на околонсти не можев да учествувам. Оваа 250-километарска траса е голем предизвик и затоа меѓу нас планинарите важи за круна за сите претходни траси кои си ги поминал. На првиот состанок кога се договаравме бев единствено девојче, но тоа не ме поколеба и останав на ставот дека ќе бидам дел од тимот. Морам, значи морам да им се заблагодарам на момците кои ми пружија голема поддршка, морална и физичка за да стигнам до целта со нив. Се уште неможам да ги средам емоциите, но сега се чувствувам многу среќна и душевно исполнета. Покрај желбата и љубовта за планинарење за успешно помината тешка траса каква што е „Љуботен – Охрид“ потребна е и психичка и ментална стабилност. Физички морате да бидете подготвени повеќе од 100%, но психата мора да е стабилна во секое време бидејќи констатно се соочуваш со несекојдневни предизвици кои само планината може да ги понуди. На сите девојчиња па и машки, кои имаат трошка љубов кон планината силно би им препорачала да не се мислат и двоумат туку веднаш да ја разгорат и да тргнат на планина. – рече Велевска по пристигнувањето.
Водичот и предводникот на експедицијата Мијајлче Божиновски прв пат трасата ја минал 1978 година. Од тогаш Божиновски трансверзалата „Љуботен – Охрид“ ја има поминато повеќе од 20 пати. Инаку, најтешката планинарска траса во Македонија прв пат е помината во 1974 година.
– Планинарското друштво Елема оваа трансверзала која ја спојува речиси цела западна Македонија ја има оформено во далечната 1974 година. Од тогаш наваму со одредени паузи трасата се минува, а ги спојува Шар Планина, Бистра, Стогово и на крајот Охрид. Трите масиви се поврзани, што ја олеснува нашата задача која бара многу одговорност, желба и истрајност. Инаку, основна карактеристика на трансверзалата е надморската височина која во просек достигнува 2000 метри. Почетокот на трасата е во Ново село, а прва контролна точка ние на врвот Љуботен, потоа одиме до Пирибег, а на Езерски врв ја преспиваме првата ноќ со шатори. Втората конролна точка ние врвот Елема од каде се гледа целата траса што треба да ја поминиме. Потоа продолжуваме на Титов Врв на Шар Планина, па во Маврово. После овие масиви ја искачуваме планината Бистра, а поминуваме низ селата Галичник и Селце кои негуваат стара македонска култура и архитектура. После посетатата на селата ја освојуваме планината Стогово односно Бабин врв, а потоа слегуваме надолу и завршуваме во охридското село Црвена Вода. Задоволството да се планинари на места кои се уште не се допрени од човечка рака е многу големо. Најмногу од се барем мене ме инспирира Шар Планина која е како од бајка. – раскажува Божиновски.
Обично, планинарите трасата ја поминуваат за осум дена, но лошите временски услови ја продолжија авантурата за дополнителни два. Променливото време, обилните врнежи на дожд и град, силните грмотевици и густата магла го сведуваа на минимум движењето на планинирите.
– Ова е мое прво посериозно планинарско искуство и никогаш нема да го заборавам. Поминувањето на трасата беше сериозен предизвик и сите ние така пристапивме затоа стигнавме здрави и живи. Физичката подговеност не игра главна улога во поминувањето на трансверзалата туку менталната сила бидејќи секој планинар ќе се соочи со работи кои никогаш не ги правел дома. Физичката подготвеност се стекнува, додека секој планинар мора да биде и ментално и психички многу јак затоа што планината е многу специфична за слабите луѓе. Планината си има своја временска прогноза и не важи ништо што слушаме и гледаме. Во период од три дена поминавме големо искушение. Прво не фати магла, другиот ден сонце, а потоа влеговме на средина од неверојатна планинска бура, проследната од обилни врнежи на дожд и град и силни грмотевици. Исто така екипата мора да биде компактна, значи секој секого да го бодри и турка напред бидејќи без тимски дух ваква траса нема шанси да се помине. Целиот поминат пат вреди кога ќе сетиш на пејсажите, убавите глетки и моментите поминати заедно со луѓе кои го делиш планинскиот воздух. – потенцираше Зоран Тодоровски кој прв пат ја мина планинаската трансверзала.
Во текот на планинарењето учесниците немале непријатни случки, сретнале диви кози, неколку видови на змии и еднаш имале средба со овчарски кучиња кои се познати како чувари на планината.
Михаил Постоловски