„Пријателска, блиска, евтина и неоткриена дестинација.“ Вака се рекламира Охрид во најголемиот и најчитан холандски весник “De Telegraaf”. Исто и “Het Parool” – кој се смета за весник на главниот град Амстердам – објави овој викенд голем текст со наслов: „Најстариот град во светот е изненадувачки трендовски, модерен.“  Ова е супер реклама за Македонија пред долго очекуваниот туристички  шпиц. Особено за охридскиот регион кој возбудливо чека што и како ќе биде ова лето со „портокаловите“ гости.

“De Telegraaf” (десно либерално ориентиран) има секој ден отприлика еден милион читатели. Холандски Телеграф уништува личности и „раѓа“ нови ѕвезди на насловната страница. На високо ниво објавува вести за политика,  спорт, за естрада, култура, за криминал. Овој весник во викенд делот за „патување и одмори“, објави информации на две големи страници со слики и реклами за нови аранжмани за Македонија. Со многу позитивни зборови весникот пишува за Охрид, Струга и Битола. Исто така за богатата историја, црквите, манастирите, ресторани, плажи, македонската гастрономија, екскурзии, секакви други факти и за гостопримливноста на македонскиот народ.

“Het Parool” (препознатлив весник) е симбол за гордоста на Амстердам. Во него Охрид доби доста голема реклама и внимание, точно пред почеток на летната сезона. Тој пишува за езерото, за климата, за музеите и културно-историското наследство на Охрид, како и за убавите прошетки во Албанија. И доста други мали детали се спомнати. Пензионерите покрај езеро, пастрмката, културата, ноќните клубови, кафетериии, детските атракции покрај кејот, Галичица, планинските села, рибарите, Преспанското Езеро, Охридско лето, археолошки локалитети.

А на разни интернет форуми и по социјалните мрежи има секојдневни разговори околу Охрид. Холанѓани тука се жалат и се фалат за услугата, условите, за нервози и пријатни искуства. Има прашања за теми како: кој познава добар туристички водич, кој има телефонски број од него, како е во тој и тој хотел, како се движат цените за такси, колку е една пица, каде има добар ресторан во Струга, каква е безбедноста, каде може да се разменат денари, дали е дозволено да ловиш риби?… Секакви теми се предмет на разговор. Сите меѓу себе си комуницираат за своите искуства и совети. Охрид излезе од анонимност и претставува голем и конкурентен туристички пазар.

Владо Велјаноски
репортер на Холандска телевизија NOS-Studio Sport