Продолжува неповолниот хидролошки тренд во земјава, кој влијае на кондицијата на природните езера и реки. Исклучок не е ниту Охридското Езеро, чие ниво и натаму е значително пониско од просекот. Во моментов Охридското Езеро е на кота 693,20 м.н.в., што е за речиси 30 сантиметри пониско од просекот за март (693,49 м.н.в.).
Ваквите осцилации неповолни влијаат на живиот свет во Езерото, особено во литоралот, на што постојано укажуваат стручњаците. И покрај тоа Охридското Езеро и натаму продолжува да се користи како акумулација за производство на електрична енергија, а испустот на вода во Дрим се контролира на застарен начин со дрвени талпи и според билатерален договор склучен од бивша Југославија со Албанија пред седум децении.
Многу позагрижувачка е хидролошката состојба на Преспанското Езеро. Според поселдните мерења тоа е за два метри пониско од просекот за март. Преспанското Езеро има загубено значителен дел од водниот капацитет, но засега нема институционален одговор за ублажување на состојбата. Ова дотолку повеќе што случувањата на Преспанското Езеро долгорочно негативно ќе се одразат не само на тамошниот еко систем, туку и на Охридското Езеро, бидејќи научно е докажано дека овие две езера меѓусебно се поврзани преку трето, подземно езеро под планината Галичица.
Г.М.