Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне и играчот на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, добија суспензија од еден натпревар, потврди УЕФА. Симеоне и Алонсо се суспендирани поради случувањата на минатосезонското финале во Лигата на шампиони, во кое Реал по продолженијата победи со 4-1.
Тренерот на Атлетико за време на натпреварот два пати влегуваше на теренот, а неговото второ влегување иницираше и вербален судир со дефанзивецот на Реал, Рафаел Варан.
Чаби Алонсо, кој поради жолти картони мечот го следеше од трибините, влезе на теренот заедно сос соиграчите да го прослави голот на Бејл, со кој Реал стигна до предност од 2-1.
Симеоне нема да го предводи својот тим во првото коло во новата сезона, во Лигата на шампиони, додека Алонсо нема да игра во Суперкупот на Европа против Севилја.
Дисциплинците на УЕФА исто така им одредија на двата клуба и парични казни, Атлетико ќе плати 21.000, а Реал 18.000 евра