Како што рече на денешната прес конференција управителот на „Сузуки“, Милка Митреска, вработените преземени од закуподавецот, јавното претпријатие „Билјанини извори“ биле пријавени на неопределено работно време, за што „Сузуки“ поседува уредна документација.
– Точно е дека се преземени 10, а не 12 работници, но за другите двајца известена е другата договорна страна согласно договорните обврски и приложениот список за лица кои треба да се преземат од јавното претпријатие. Известувањето дека еднострано е раскинат договорот за закуп се базира на заклучок на советот на општина Охрид и нема образложение кој услов од договорот не е исполнет, рече Митреска.
При тоа, таа се пожали дека соработката со локалната самоуправа е на незадоволитено ниво.
– Имаме поднесено барање за поставување на сообраќајни знаци, односно означување на улиците и обележување, фарбање од 29.03.2013 година. Согласно договорот од 05.07.2012 година бевме задолжени да ги поставиме рампите и паркирната опрема. На 17.12.2012 поднесовме барање за поставување на истата опрема, како и ургенција, но до ден денес не е одговорено од страна на локалната самоуправа, вели Митреска.
Додаде дека од страна на полицијата секојдневно се врши идентификација и легитимирање и сликање на вработените кои наплаќаат за користење на паркинг просторот, и покрај тоа што како закупци имаат валидни договори за закуп на паркинзите.
– Полицијата денес и ги отстрануваше вработените од работните места, а две лица се и спроведени во полиција со комбе затоа што вршеле наплата, рече Митреска.
Вчера од локалната самоуправа беше информирано дека еднострано се раскинува едниот договор за закуп на паркинзите , склучен со концесионерот во јули 2012 година. Како што претходно, беше кажано на седницата на советот на која се донесе заклучок за раскинување на договорот, причина за ваквата одлука е што закупецот не исполнал една од суштествените договорни обврски- да преземе 12 вработени од закуподавецот ЈП Билјанини Извори, на неопределено време за цело времетраење на договорот, веднаш по склучувањето на договорот. Како што тогаш изјави градоначалникот Бакрачески, закупецот како работодавач по повеќе од 9 месеци по склучување на договорот, пријавил само 10 работници од списокот на ЈП Билјанини Извори, и тоа со статус вработени на определено време.
За вториот договор склучен на 1 март 2013 кој се однесува на поширокото градско подрачје, општината Охрид ќе поведе судска постапка за утврдување на неговата ништовност.