Се празнува споменот на Св. Наум Охридски(летен Св. Наум).

Десеттина илјади граѓани вчера и денеска го посетија манастирот „Свети Наум Охридски“ каде што се одвива централната прослава на денот на Чудотворецот. Утринава таму се одржа свечена литургија со која чиноначалствуваше митрополитот дебарско-кичевски, господин Тимотеј во сослужение со митрополитот брегалнички, господин Агатангел.

Манастирот го посетија граѓани од различна вероисповед  од Македонија, соседните држави, но и од прекуокеанските земји.
Св Наум заедно со Св. Климент Охридски се ученици на славните светители Кирил и Методиј. По завршувањето на Моравската мисија Св. Наум заедно со Св. Климент својата благородна мисија на ширење на словенската писменост и култура ја продолжиле во областа Кутмичевица на брегот на Охридското Езеро. Тие се основоположници на охридската книжевна школа.

Св. Наум најголемиот дел од својот живот го поминал во манастирот на јужниот дел од Охрдското Езеро кој сам го изградил.Таму тој ја развивал својата просветителска дејност. Освен по книжевната работа мегу народот бил познат и како исцелител и за време на својот живот излечил многу луѓе особено душевно болни. Познат е и како чудотворец бидејки направил и многу чуда, а некои од нив се претставени и на фреските од неговиот манастир како таа на која е претставен Св. Наум кој ги впрегнал волот и мечката да ораат заедно.

Св. Наум се упокоил во 910 година. Неговиот гроб се наоѓа во внатрешноста на манастирот. Се верува дека поклонувањето на неговиот гроб  носи здравје, душевен мир и спокој.

Јасминка Т. Момироска