Православните христијани денеска го одбележуваат празникот посветен на Света преподобна Параскева (Св. Петка).


Светата православна црква празнува три личности со исто име Параскева-Петка поради што во народот често се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност. Најчесто трите се идентификуваат со Петка Трновска, чиј спомен се одбележува на 27 октомври. Името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петокот како ден пред сабота, (во стариот завет саботата била празник, а не неделата) бил ден за подготовки пред празникот. Во петокот евреите се подготвувале за саботата. Параскева значи подготовка.

Света Параскева (Петка) според која се празнува денешниот ден е родум од Рим. Родителите и биле христијани, така што од мали нозе ја воспитале во Христовиот дух. Кога и умреле родителите го раздала целиот свој имот на сиромашните и се замонашила. Со голема ревност целиот живот го посветила на христовото учење. Поради тоа и пострадала, и била отсечена главата.  Целиот настан се случил во вториот век.

По повод празникот денеска во манастирот „Света Петка“, Велгошти, ќе се служи света архиерејска литургија, на која ќе чиноначалствува неговото високо преосвештенство митрополитот Плаошки и Дебарско-кичевски г. Тимотеј, со повеќемина свештенослужители. Вечерва пак по повод празникот на „Свети Климент Охридски Чудотворец и свети великомаченик Пантелејмон“ во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник, со почеток во 19 часот ќе се служи празнична вечерна богослужба на која ќе чиноначалствува неговото високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски г.Тимотеј.

На 9 август 2007 година (недела), во манастриот „Свети Климент и Пантелејмон“, на Плаошник, ќе се служи света архиерејска литургија, по повод празникот на „Свети Климент Охридски Чудотворец и свети великомаченик Пантелејмон“, со почеток во 8.45 часот, на која ќе чиноначалствува Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со Митрополтот Плаошки и Дебарско-кичевски г. Тимотеј, како и со повеќемина свештенослужители.


По тој повод Дебарско-кичевската епархија ги повикува сите свои верници на заедничко прославување на овие празници.


Јасминка Т. Момироска