Според православниот календар, денешниот ден е посветен на маченикот Св. Трифун. Голем број обичаи и ритуали кои се врзани токму со овој ден, традиционално се пренесени од колено на колено. Во минатото, 14-ти февруари претставувал најголем ден за бавчанџиите од охридскиот регион.
Но „благодарение“ на медиумите и следењето на модерните трендови, младите од земјава на 14-ти февруари го прославуваат и католичкиот Св. Валентин. Но во јавноста постои поделеност дали треба да се чествува популарниот „Ден на вљубените“. На тоа укажуваат и резултатите од анкетата што изминатите денови за свои потреби ја спроведе OhridNews.
Иако повеќето срамежливо негираат дека го прославуваат Св. Валентин, излозите од локалните парфимерии, цвеќари и продавници го говорат токму спротивното. Дел од нив се аранжираат токму во духот на овој празник, а најчести купувачи се младите.
Пандан на овој католички празник во православието, според многумина, е денот посветен на светиците „Вера, Љубов, Надеж и мајка Софија“ кој се чествува на 30-ти септември.
OhridNews