Свечен пречек за ученикот Владимир Димитриевиќ по повод неговиот исклучителен спортски успех и освојувањето на бронзен медал на Светскиот ИТФ куп во Солун. Медалот го освои на престижниот меѓународен турнир „King of Taekwon-do“, на кој учествуваа над 1.400 натпреварувачи од 21 држава, што дополнително ја нагласува тежината и значењето на овој успех.

Димитриевиќ оствари средба со директорот на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ Ристе Јанкоски кој упати искрени честитки до него, истакнувајќи дека неговата посветеност, дисциплина и спортски дух претставуваат гордост за училиштето и инспирација за сите ученици.

Пречекот беше можност и за истакнување на значењето на спортот како важен сегмент во воспитно-образовниот процес. Нашето училиште изразува искрена благодарност и поддршка за понатамошниот развој на Владимир и му посакува уште многу спортски и лични успеси во иднина, велат од училиштето.

OhridNews