Со изведба на македонската химна во присуство на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, претставници од локалната самоуправа, советници, претставници на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, наши сограѓани започна свечената седница по повод одбележувањето на 11 Октомври – Денот на Народното востание на Македонија.
Пред присутните свое обраќање имаше градоначалникот Пецаков кој истакна дека Охрид и Македонија го одбележуваат празникот на македонскиот непокор, а во сите периоди на своето опстојување Охрид бил дел од историските настани кои ја одредувале иднината на македонскиот народ испишувајќи ја на таков начин сопствената историја и нескромниот придонес во градењето на европската цивилизација.
Во својот повеќедецениски слободарски од градот доживува континуиран национален, социјален, културен и научен развој кои го продолжуваат неговиот сјај на културна и духовна метропола на македонскиот народ, а воопшто и на сесловенскиот свет. И покрај сите специфики на времето во кое живееме, сложеноста на состојбите во кои се наоѓаме, градот успева да ја сочува својата одлика да биде репрезент на целата македонска историја, традиција и култура. За многу одлуки во животот е потребна и храброст. Но, најголема е храброста да се задржи своето и подготвено и достоинствено да се одговори на предизвиците кои ги носи иднината. Нам ни е потребна онаква храброст, каква што во себе го содржи тој 11 Октомври, датумот кој го насочи текот на историјата, поставувајќи ги темелите на идниот национален развој. Затоа ови е датуми се неизбришливи и инспиративни за генерациите кои надоаѓаат. Нека ни е долговечен симболот на непокорот на македонскиот народ, рече Пецаков.
На одбележувањето на 81-та година од 11 Октомври Денот на народното востание и Денот на борецот изразуваме почит кон сите оние кои се бореа и ги дадоа животите за слободата и независнот на Македонија, рече во обраќањето Љубиша Машановиќ, потпретседател од Сојузот на борци од Охрид и Дебрца.
Прославувајќи го овој ден, сеќавајќи се на жртвите ние со почит и благодарност се поклонуваме пред ваквата борба и пред олтарот на сите паднати борци кои со своите млади животи, пролеана крв се втемелија во создавањето на првата слободна македонска држава. Со оваа борба, нашиот народ на најдобар можен начин го докажа својот државотворен капацитет и право за изградба на самостојна, суверена и слободна држава. Благодарение на пожртвуваноста и храбрите борци на народноослободителната и антифашистичка борба ние живееме во слободна и независна македонска држава, сон на многу генерации кои оставија аманет да ја чуваме со крв пролеаната слобода на нашата татковина. Сега кога имаме самостојна македонска држава, кога ја имаме долго очекуваната слобода нашата најголема одговорност е да не дозволиме нивните жртви да станат залудни. Ние не смееме нешто што е создадено со векови да дојде во опасност и да биде загубено за миг. Минатото го паметиме, историјата ја почитуваме, а иднината ја градиме. Единствениот пат што сакаме да го изодиме е патот на модерна, демократска, перспективна и европска Македонија, како подобро место за живеење на сите нејзини граѓани, додаде Машановиќ.
Свечената седница беше збогатена и со културно-уметничка програма.
Во рамки на одбележување на празникот, утре од 10:00 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен-обележјата од НОБ – во Градскиот парк, пред Основен суд – Охрид, СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ и Градски гробишта.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска