Со свечена седница Општина Охрид ги започна чествувањата по повод 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ.
Седницата започна со видео запис со историјата на Охрид за време на Втората-светска војна, а продолжи со изведба на химната на Република Македонија од страна на охридскиот детски хор „Бамбино“.
Пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков кој истакна дека Народноослободителната борба претставува симбол на непокорот, достоинството и вековната борба за мир и правдина, а преку пожртвуваноста на нашите херои се изгради темелот на македонската државност и идентитет.
Револуционерната борба на македонскиот народ е доказ дека слободата не се подарува, таа се заслужува преку единство, визија и храброст. 11 Октомври е жива меморија, тој ја претставува свесноста и сплотеноста на една генерација која избрала да не молчи со решителност поголема од стравот и со силна идеја посветла од темнинатата на ропството. Охрид и Дебрца дале многу храбри луѓе за оваа слобода која ја живееме денес. Тоа не се само имиња на споменици, тоа се нашите предци, нашите роднини, соседии пријатели чии животи се вткаени во слободна Македонија. Нивната жртва е темелот врз кој е изградена нашата држава. Денес ја имаме честа да им оддадеме достојна почит но не само со зборови, туку и со ветување дека нивната борба нема да биде заборавена и дека ќе го уваме нивното големо дело како аманет за идните поколенија. Слободата која ја имаме денес не е само привилегија, таа е наша одговорност. Затоа, треба да ја вреднуваме со знаење, љубов и решителност, да продолжиме да бидеме свои на своето и гордни на се што е македонско, рече Пецаков.
Одбележувањето на 84-годишнината од 11 Октомври Денот на народното востание изразуваме почит и благодарност кон сите што се бореа и ги дадоа животите за слободна и независна Македонија, рече во обраќањето претседателот на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца Гоце Георгиески.
Благодарение на пожртвуваноста на храбрите борци во Народноослободителната и антифашистичка борба ние живееме во слободна и независна македонска држава, сон на многу генерации кои оставија аманет да ја чуваме со крв спечалената слобода на нашата татковина. Сега кога имаме самостојна македонска држава, кога ја имаме долго очекуваната слобода нашата најголема одговорност е да не дозволиме нивните жртви да станат залудни. Храброста се покажува тогаш кога треба да се даде животот за својата татковина. Храброста се покажува и тогаш кога треба да се живее за неа. Несмееме да дозволиме нешто што се градело со векови да дојде во опасност, да биде загубено. Минатото го паметиме, историјата ја почитуваме, а иднината ја градиме. Единствениот пат кој сакаме да го изодиме е патот до модерна, демократска, перспективна и европска Македонија како подобро место за живеење за сите нејзини граѓани. Нека овој голем ден ни биде патоказ и нам и на генерациите по нас да ја чуваме слободата, сувереноста и независноста на нашата татковина Република Македонија, додаде Георгиески.
Во рамки на културно-уметничка програма беше изведена монодрама-извадок од романот „Пиреј“ од страна на актерката од Охридскиот народен театар Адријана Билаловиќ – Тодороска, по што следеше настап на академските музичари Мила Тренеска, Дарио Тренески и Билјана Буџакоска и настап на КУД „Ѓердан“.
Утре во 10 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен-обележјата од НОБ во Градскиот парк, пред Основен суд Охрид, во училишниот двор на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ и на Градските гробишта.
Н.С.Ј.