На градскиот плоштад, кај споменикот на Свети Климент, вечерва се одржа свеченоста по повод доделувањето на дипломите на матурантите од генерацијата 2010/ 2011 од охридската гимназија која го носи името на светителот и заштитник на Охрид.

Во првиот дел од програмата беше прикажан филм, за секој од класовите во генерацијата. Додека се прикажуваше филмот, се одвиваше матурскиот марш на дипломците од средното училиште до градскиот плоштад, предводени од директорот на гимназијата Наум Рилкоски и класните раководители.


Пред присутните најпрво се обрати директорот Рилкоски, кој истакна дека е чест да се присуствува на доделувањето на дипломите на матурантите со што се заокружува нивното четири годишно школување во средното училиште.

Уште со нивниот прв чекор во ова училиште кај сите од нив постои една единствена желба да се најдат овде оваа вечер и со нескриена гордост да го прослават своето матурирање. И со тоа да покажат дека го положиле својот испит на зрелоста и дека се подготвени да се соочат со предизвиците кои им ги носи животот, истакна во дел од обраќањето директорот Рилкоски.


Свеченото доделување на дипломите на матурантите им го честита и градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески.

Ова е голем настан особено што се случува во рамките на одбележувањето на денот на Свети Климент Охридски. Овие моменти ќе ги паметите целиот живот. На нив ќе се сеќавате и кога ќе бидете среќни и кога ќе сте тажни. Тие спомени ќе ви даваат сила да се борите со препреките и да победувате, им се обрати Петрески на матурантите.

Во името на матурантите, говор одржа ученичката Фросина Маркоска.

Вечерва е наша ноќ, посветена за нас и нашите заеднички средношколски мигови. За еден скапоцен период од нашиот живот, наречен младост и сонување за иднината. Има премногу нешта кои засекогаш ќе останат во нашите сеќавања, рече Маркоска.

Свеченоста беше заокружена со фрлање на капите на матурантите и огномет, по што следуваше и музички хепенинг и настап на ‘ Силви бенд.

OhridNews