– Ова е нов туристички производ на охридско- преспанскиот регион кој очекуваме дека ќе даде голем придонес кон развојот на туризмот во овој дел од земјата. На теренската обработка и обележување на патеките се работеше една година, на што претходеа бројни стручни анализи за тоа каде да бидат поставени патеките. При тоа, се водеше грижа да се зачува природното богатство со кое изобилува паркот, да се подобри инфраструктурата, а истовремено да се сведе на минимум влијанието на посетителите врз националниот парк, рече директорот на ЈУНП Галичица, Зоран Ангелоски.
Изработени се и 10 пешачки тури. Установата располага и со свои лиценцирани туристички водичи, а по потреба обезбедува и дополнителен број водичи кои се специјализирани за водење во планина.
– Системот на патеки може да се каже дека е единствен од ваков вид на Балканот, поради функционалноста на системот. Патеките се практични, функционални и пред се безбедни. Наменети се за сите категории посетители,од оние кои претходно немале искуство да пешачат во планина, до оние кои тоа редовно го прават и сакаат долги, маратонски, планински патеки, вели Антонио Додевски, генерален секретар на македонската Асоцијација на интернационални водачи во планина.
Од отворените нови патеки задоволни и од велосипедскиот клуб ЕкоДром- Охрид.
– Презадоволни сме што се реализира проектот за отворање на системот на патеки на Галичица. Велосипедските патеки се обележани, веќе имавме можност на нив да организираме велосипедски тури. Има голем интерес, особено од странските туристи кои од велосипедските тури на Галичица заминуваат воодушевени, истакна Александар Јованоски, од клубот ЕкоДром.