Со пригодна свеченост, денес, во Пештани беше отворена градинка која ќе функционира во рамки на основното училиште „ Св. Наум Охридски“, а во која ќе може да бидат згрижени 25 деца.
– Се надевам дека со оваа нова група ќе им се овозможи на децата од Пештани и околината да имаат пријатно катче во кое ќе се згрижени, да бидат присутни во овие простории, да се дружат, да научат нови работи и да се подготват соодветно за останатиот образовен процес во основните училишта, рече директоркат ана ЈОУДГ „ Јасна Ристеска“, Розе Костоска.
Средствата за изградба и опремување на новата градинка се обезбедени од страна на локалната самоуправа, министерството за труд и социјална политика, Бугарскиот конзулат во Македонија и ЈОУДГ „ Јасна Ристеска“.
– Ова е четвртата детска градинка која ја отвараме во Охрид во изминатите две години. Сакам да изразам благодарност до градоначалникот за вниманието кое го посвети во изминатиот период за зголемување на капацитетите за згрижување на деца на предучилишна возраст. Заедно со владата изминатите години и во Охрид и во другите општини направен е голем исчекор во насока на зголемување на бројот на детски градинки. Изминатите неколку години вкупно се отворени 44 детски градинки што е значајно зголемување на капацитетите за згрижување на деца во предучилишна возраст, изјави заменик министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов кој присуствуваше на отворањето на градинката заедно со градоначалникот Никола Бакрачески и генералниот конзул на Бугарија во Македонија, Теодор Русинов.
Градоначалникот Бакрачески нагласи дека со отворањето на детски градинки во руралните средини и населени места ваквите услуги им се многу подостапни на родителите.
– Продолжуваме заедно со министерството со стратегијата за доближување на условите за згрижување на деца во населените места и рурални средини со што ваквиот тип услуги им се подостапни на граѓаните кои живеат надвор од централните градски подрачја. Изминатите години се покажа дека оваа стратегија е ефикасна и корисна. Од една страна обезбедуваме адекватни услови за згрижување на децата, а од друга страна родителите имаат можност, додека се згрижени децата да имаат други активности, рече Бакрачески.
Претхоно, градинки во посебни просторни услови во рурални и населени места беа отворени и во селата Лескоец, Велгошти и населбата „ Радојца Новичиќ.
Т. К.