Денес свечено беше ставен во употреба новоасфалтираниот крак од улицата „Сирма Војвода“, во должина од 250 метри.Како што потенцираа градоначалникот Никола Бакрачески и претседателот на месната заедница, Славчо Донески, со асфалтирањето на овој дел од улицата се става крај на долгогодишните проблеми со кои се соочуваа жителите во овој дел од градот.
– Години наназад жителите беа приморани да газат по кал во есенскиот и зимскиот период или да се дават во прашини во пролетните и летните месеци. Улицата е со ширина од 6 метри, а поставен е висококвалитетен асфалт со дебелина од 7 см. Минатата година јавното претпријатие „ Проаква“ изведе нова водоводна линија на овој потег, а „ Градски гробишта“ се погрижи за троатоарите и банкините, рече градоначалникот Бакрачески.
Благодарност до локалната самоуправа изразија жителите кои во текот на минатите години во повеќе наврати преку медиумите упатуваа барања до надлежните- улицата да се асфалтира.
– Да се заблагодариме до локалната самоуправа што направи услови да се асфалтира улицата. Порано имавме многу ветувања, но до сега не се реализираа. Се надеваме дека соработката ќе продолжи, изјави претседателот на месната заедница, Славчо Донески.
Градоначалниот најави дека најдоцна за два месеци улицата ќе добие и ново осветлување, а зависно од тоа кога ќе се обезбедат финансиски средства, ќе бидат асфалтирани и споредните улички и сокачиња.
OhridNews