„Tutto andrà bene“ (Се ќе биде во ред). Овие зборови на охрабрување и надеж одекнуваат деновиве во Италија,  каде има најголем број заразени од корона вирусот Covid 19. Само изминатиот ден во земјата починале 250 лица, со што бројот на мртви се искачи на 1016.

Корона вирусот ја зафати речиси целата земја, најмногу северните делови, кои се и најгусто населени и го промени целосно животот на динамичните Италијани. Охридското семејство Климоски без малку две децении живее во Италија. Но ниту нивното мирно гратче Кастенедоло, во близина на Бреша, не е одминато од пандемијата. Сепак храбрите жители на Кастенедоло не губат надеж. Токму од тие краишта произлезе мотото „Tutto andrà bene“ (Се ќе биде во ред), кое го споделува цела нација. Изолирани во своите домови, граѓаните на Италија која целосно е во карантин, се бодрат на сите можни начини. Наполитанците си пеат со комшите на балконите, a под прозорите ширум земјата се истакнати пароли со виножито кои ја симболизираат борбата со пандемијата.

Лекарите и медицинскиот персонал се хероите на Италија. Тамошните медиуми секојдневно објавуваат фотографии и стории за исцрпениот персонал кој со натчовечки напори се обидува да се справи со ситуацијата, која е далеку од добра. Дел од нив ги оставиле семејствата во самоизолација, а тиа не ги напуштаат работните места. Таму работат, таму јадат, таму и спијат.

Недостигот на медицински персонал се чувствува во целата земја. Каква е всушност состојбата говори информацијата дека младиот штотуку дипломиран помошен медицински кадар, веднаш по давањето на свечената заклетва под маски, е ангажиран во болниците ширум земјата.

Италијаните, пак, целосно свесни за ситуацијата во која се наоѓа земјата и натчовечките напори кои ги прават тамошните лекари, им изразуваат подршка на сите можни начини.

Рестораните за храна секојдневно бесплатно носат јадење за медицинскиот персонал, а пред болниците можат да се забележат транспаренти со поддршка. Еден таков транспарент деновиве стана култен во Италија. – велат Климоски.

Доктори и медицински персонал вие сте наша гордост – Ви благодариме

Во земјата на сила се строги мерки. Со цел да се спречи ширњето на пандемијата, ограничено е движењето на граѓаните. На старите лица им се врши достава на храна и лекови до дома од волонтери на Црвениот крст.

Речиси ништо не работи, освен продавниците за храна и аптеките. Но, за да се стигне до нив, должни сте да испечатите на лист хартија информација каде и зошто одите, која треба да ја покажете на полициските патроли кои ги чуваат влезовите и излезите на градовите и патролираат низ населените места. – раскажуваат Климоски.

Затворени се голем дел од аеродромите, а во прекин се и најголем број од летовите. За непочитување на мерките пропишани од државата се изрекуваат казни кои се движат од 85 евра до 3 месеци затвор. Само за еден ден изречени се 4000 казни. Најмногу прекршувања има од младите. Но, локалниот весник во Бреша предупредува дека 1 од 5 заразени со корона вирус е на возраст од 19 до 50 години, апелирајќи до младите да ги почитуваат правилата.

Италијанската економија бележи огромни загуби. Исто е и со италијанската берза, чии загуби до овој момент се проценуваат на огромни 70 милијарди евра. Во земјата работат едвај 30% од фабриките, а секојдневно се затвораат погони поради корона вирусот. На помош на Италијаните им дојдоа експерти од Кина од каде почна пандемијата, со која најбројната држава на светот успешно се справува. Со нивна помош за 6 дена треба да никне нова болница во Милано, а се преземаат и други мерки за запирање на заразата.

Во Италија целосно запре социјалниот живот. Покрај училиштата, факултетите и најголемиот број од јавните установи, не работат и кината, театрите, рестораните… Во прекин се сите спортски натпреварувања, вклучително и фудбалската Сериа А, откако случаи на корона врус се регистрирани во екипите на Јувентус, Сампдорија и Фиорентина, а покрај нив во карантин е и тимот на Интер. Фудбалерите, пак, се обидуваат да останат позитивни и да придонесат во ситуацијата. Таква беше и пораката на играчот на Сасуоло, Франческо Капуто, кој на еден од последните одиграни натпревари во калчото ја истакна пораката: „Се ќе биде во ред – останете дома“.

И покрај тешката ситуација во која се наоѓа земјата со најголем број заразени од корона вирусот, граѓаните на Италија не се предаваат. Социјалните мрежи се преполни со креативни и охрабрувачки пораки, а граѓаните веруваат дека ќе се изборат против болеста која целосно го запре животот во земјата и однесе голем број човечки животи.

СЕ ЗАТВОРАМЕ ДЕНЕС, ЗА ДА БИДЕМЕ ЗДРАВИ УТРЕ

Г.Момироски