Светата маченица Марина е родена во Антиохија и е ќерка на жрец-идолопоклоник. На 15 годишна возраст по свирепо мачење и била отсечена главата, околу 270-та година. Тогаш се убиени и 15000 луѓе што поверувале во Христа и ја прифатиле неговата вера, кога на небото виделе знак додека била мачена Света маченица Марина. За спомен на нејзините страдања светата православна црква нејзиниот ден го празнува на 30 јули, а во народот е позната и како Огнена Марија и е господарка на огнот но и покровител на сеидбите кои ги чува од поројни дождови и пожари.

Во различни делови на Македонија постојат и различни верувања поврзани со овој празник. Во Велес се верувало дека „ Чуруци фчурујат, запалујат куќите на тија шчо работат на тој ден, от тоа секого го стра да фане работа. Калајџиите празнујат тој ден за чурец“. Во Охрид, како што запишал Е. Спространов Света Марена ја држеле за да не стануваат бури „Та је пала-и креват снопојте и полоѕите. Ко да фатет ветришча, грмежи, дожџој-да чуват Госпот је“

Интерсно предание за оваа светица забележал и Кузман Шапкарев Тој сведочи дека таа „го уловила ѓаволот за коси и го тепала по главата со чекан“. Ваква ретка претстава на Света маченица Марина со ѓаволот се наоѓа на фреска во манастирот Свети Наум и на икона во Галеријата на икони во Охрид. Шапкарев исто забележал дека „селаните ниту жнијат, ниту вршат во чест на светицата, која ја сметаат за покровителка на жетвата и воопшто на сеидбата“.

Јасминка Т. Момироска