Светиот евангелист и
апостол Матеј најпрвин со име Левије бил цариник. Но еднаш кога Исус
поминувал покрај царинарницата го повикал и овој без размислување
станал негов ученик. Матеј е еден од 12-те Исусови апостоли и еден од
четворицата евангелисти.

Преданието
раскажува дека кога го напуштил царинарскиот занает повикал на вечера
неколку другари цариници за да се опростат. Тука бил и Исус со своите
ученици, а имало и некои фарисеи кои се лутеле на присуството на Исус.
На тоа Исус им одговорил: „На здравите не им треба лекар, туку на
болните. Јас не дојдов да ги повикувам на покајание праведните, туку
грешните“.

Осум
години по Христовото распетие и воскресение го напишал Евангелието на
еврејски јазик, а христовото учење најпрвин го проповедал во Палестина,
а потоа во Персија, Индија, Етиопија и други места. Неверниците го
мачеле, а потоа го запалиле во Етиопија. Според други извори бил
каменуван, а според трети исечен со меч. Тоа се случило околу 60-тата
година.

На иконата светиот евангелист и апостол Матеј е претставен како го пишува евангелието или како го држи стоејќи.   

Јасминка Т. Момироска