На денешен ден
Светата православна црква го празнува споменот на Свети Ѓорги Кратовски
кој на овој ден 1515 година бил мачен, а потоа и спален, на 18 годишна
возраст. По занает бил кујунџија и останал како заштитник на златарите
и кујунџиите.


Житието вели дека Свети Ѓорги Кратовски е роден во
1497 година во Кратово од родители Димитрија и Сара. По желба на
родителите по завршувањето на училиштето пошол на кујунџиски занает кој
во Кратово бил популарен и поради рудниците. Набргу станал познат
мајстор. Во тоа време турските власт собирале т.н. данок во крв за
пополнување на војската која напредувала кон Европа, правејќи
војници-јаничари.Знаејќи дека во Кратово нема да остане долго
незабележан, решил да замине во Софија, надевајќи се дека поголемиот
град нуди повеќе можности да остане незабележан. И во Софија поради
способностите набргу се стекнал со углед и бил забележан од турците. Му
биле понудени благодетите на царските власти под услов да ја смени
верата и да го прифати исламот. Но Ѓорги Кратовски без размислување
одбил поради што бил ставен во затвор. Ја бранел верата Христова поради
што бил мачен, а потоа и спален.


На иконите Свети Ѓорги
Кратовски е претставен како голобрадо момче во кошула со крст во
десната рака и маслинова гранка во левата. Над ореолот има
натпис:„Свети Ѓорги кој настрада од Селим“.

Јасминка Т. Момироска