Со свечена академија што се одржа вечерва во Центарот за култура, Охрид ги заокружи чествувањата по повод празникот Св. Климент Охридски – заштитникот на градот.
Свое обраќање пред преполниот аудиториум имаше градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески, кој се осврна на значењето и белегот кој Свети Климент го остави во битисувањето на македонскиот народ. Свети Климентовото дело, рече Петрески, за нас македонците се’ уште претставува непроценливо богатство и инспирација за духовното препородување на нашиот народ.
-Секое време носи сопствени искушенија, пред кои народот и општеството се поставени. Како денешна генерација се соочуваме со национални предизвици кои не се нималку наивни, ниту лесни за решавање. Меѓутоа, континуитетот и мудроста на минатите времиња ни ја покажуваат целта кон која треба да се стремиме. Свети Климентовото дело ни ја покажува вистинската премудрост дека не постојат големи и мали народи. Постојат бројни и помалку бројни народи или држави, но тоа не е вреднување за успешноста и дострел на еден народ. И денес, во моментите кога мислиме дека се безнадежни, во себе треба да го почуствуваме духот на оние ликови од нашето минато, кои во нивните тешки одлуки биле понесени од Божјиот принцип или принципот на вистината дека, народот не може да се откаже од самиот себе, од својата култура, историја, од својот јазичен и национален код. Верувам дека мисијата и вредностите кои нашиот патрон Свети Климент ги воспостави пред повеќе од единаесет векови, се нашиот извор од кој постојано ќе црпиме сила и мудрост за нашите сегашни и идни дела.-рече Петрески.
На свеченоста беа доделени повелбите и наградата Св. Климент Охридски. Годинава добитници на повелбата се Радио Охрид и претседателот на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца Ѓорѓи Трпчески, а постхумно ова признание му се доделува и на познатиот охридски естраден уметник Секула Пупиноски. Наградата за животно дело ја доби охридскиот поет Славе Ѓорго Димоски. Тој во своето обраќање ја истакна важноста од зачувување на Македонскиот јазик, како темел на нашиот идентитет, посочувајќи дека токму поезијата е негов најголем заштитник од се поголемите влијанија на странските јазици.
Свеченоста беше збогатена со креативна културно уметничка програма подготвена од професорите и учениците при охридската гимназија „Св. Климент Охридски“.