
Легендата вели дека еднаш кога покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во книгата на пророк Исаија прочитала дека “ Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануел“, возбудено помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот. Во тој момент до неа долетал ангелот Гаврил кој и соопштил дека таа е девојката одредена од Бога што ќе го роди Спасителот. “Радувај се благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените“. А кога Света Дева Марија помислила: “Каков ќе биде овој поздрав?“, ангелот и рекол: “ Не бој се Марија зошто си нашла милост пред Бога, и ете ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син и ќе го крстиш со името Исус, Он ќе биде голем и ќе се нарече син на Севишниот и ќе му го даде Господ Бог престолот од неговиот татко Давида и ќе царува над домот Јаковов секогаш и царството негово нема да има крај“.
На тоа Марија зачудено прашала: “Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж?“, на што ангелот и одговорил: “Светиот дух ќе слегне над тебе и силата на Севишниот ќе те осени, па затоа и роденото ќе биде Свето и ќе се нарече Син Божји“.
Во чест на таа блага вест што ангелот и ја пренесол на Света Дева Марија, црквата го востановила празникот Свето Благовештение, што се празнува точно девет месеци пред Божик.
Поради тоа, Благовец е благ ден. Тогаш се верува дека и раната не боли, па на малите деца им ги дупат ушите за обетки. Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот и други. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег. Се верува дека ако наутро гладен како што се вели на гладно срце слушнеш некоја од овие птици ќе те разбие и не ќе имаш напредок во годината. Затоа луѓето веднаш по станувањето каснувале барем еден залак леб. Кузман Шапкарев забележал дека во Охрид на Благовец саделе тикви зошто верувале дека тиквите садени на овој ден ќе бидат многу благи.

Иако паѓа во тешките Велигденски пости на Благовец се јаде риба. Дури и тоа се смета за потребно. Затоа и сиромасите се труделе да купат риба. Ефтим Спространов забележал дека во Охрид се сметало за греота ако не касне човек рибино тој ден, макар да излижат некоја коска, ама „да се облажет со рибино“.
По повод празникот Благовештение, во катедралниот храм „Света Софија“ утрово со почеток во 8:30ч, ќе се служи света архиерејска литургија, на која ќе чиноначалствува неговото високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.На Благоец богослужба ќе има само во црквата „Света Софија“ каде ќе се одржи едноцрквие, соопшти Дебарско-кичевската епархија. Оттаму ги повикуват сите свои верници на заедничко прославување на овој празник.
Јасминка Т. Момироска











