Светската банка ветила дека ќе обезбеди финансиска поддршка во рамки на стратегијата која ја подготвува за Македонија во наредните три години, изјави министерот Зоран Ставрески по состанокот на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Вашингтон.
 
„Ќе има проект за финансирање на реконструкција на патишта и проширување на патни делници во Македонија, и за подобрување на човечките вештини на невработените со цел да може подобро да се снајдат за подоцнежно вработување и за поддршка на иновацискиот фонд”, изјави Ставрески.
 
Според гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, фактот што Европа конечно излегува од економските проблеми, ќе позитивен ефект и врз Македонија.
 
„Имаме доста средби и ја користиме секоја можност да ги искажеме нашите видувања за македонската економија. Охрабрени сме дека конечно европската економија излегува од рецесија, иако уште сме претпазливи. И тука доминираат тие тонови, дека има повеќе оптимизам, но со претпазливост. Сето тоа треба поволно да се одрази на одржлив раст на македонската економија”, изјави Богов по средбите со претставниците на ММФ и Светската банка.

Директорка на Светската банка за Западен Балкан, Елен Голдстин порачала дека мерките кои Банката ги планира за Македонија се за подобро да се искористат спроведените реформи за да се намали невработеноста.
 
„Македонија напредува сосема добро во посветеноста да се реформира. Има одреден раст и се справува со некои од најважните реформи во поглед на условите за водење бизнис. Но, поради тоа што општата ситуација во Европа не е многу поволна, ефектот од спроведувањето на овие реформи во многу погледи беше намален и затоа јавноста смета дека овие реформи не доведоа до нивото на раст и вработеност кое би сакале да го видиме во Македонија”, потенцирала Голдстин.

OhridNews

извор: Макфакс