Борис Березовски, Александар Гиндин и Алексеј Володин се тројцата виртуози на пијано кои ќе бидат дел од светски познатите уметници кои ќе настапат на годинешното издание на фестивалот “ Охридско лето”.

Музичкиот селектор на фестивалот, Гордана Јосифова-Неделковска истакнува дека Гиндин и Володин, кои ги исполнуваат големите светски сали,  досега не настапувале на „Охридско лето“.

– Ова ќе биде исклучителна можност македонската публика да ужива во нивната извонредна изведба. Посебно ми е драго што при мојата посета во Москва, каде настапував како солист на еден фестивал, имав прилика да се запознаам со овие уметници – големи пијанисти, и тие со задоволство ја прифатија мојата покана да дојдат на фестивалот „Охридско лето“ за кој, како што самите изјавија, слушале многу од нивните колеги“, вели Јосифова – Неделковска.  Таа додава дека голема радост за публиката ќе биде и повторното доаѓање на Борис Березовски кој настапи на фестивалот пред две години и кој е миленик не само на светската, туку и на  македонската публика.
 
Рускиот виртуоз на пијано, Борис Березовски, весникот „Тајмс“ го опишува како „уметник со исклучително ветување, пијанист со занемувачка виртуозност и исклучителна моќ“. Го има освоено и златниот медал на конкурсот „Чајковски“ во Москва.

Александар Гиндин е еден од најценетите руски пијанисти на денешницата. Критиката и љубителите на музичката уметност едногласно го прогласуваат за еден од најталентираните и најуникатни пијанисти.


Алексеј Володин важи за еден од највештите руски пијанисти од својата генерација. Меѓународната критика постојано ги величи неговата извондредна вештина, неговите интерпретациони техники, убавината на неговиот звук и разновидноста на неговиот репертоар.