Охрид од 29-ти јули до 01-ви август домаќин на добрата забава и електронска музика. Познати светски диџеи и годинава ќе настапат на фестивалот „Ohrid calling“ во Касарната во Охрид, во организација на Авалон продукција.
Ова фестивалско издание на сцената ќе го донесе Timmy Trumpet, кој е меѓу топ 10, на листата за диџеи за 2022 година, информираше на денешната на прес-конференција Бобан Милошески, сопственик на Авалон продукција.
Секоја година се трудиме да донесеме некое име, кое не само што никогаш не било во Охрид, туку ни во регионот. Така сега го имаме Timmy Trumpet, кој е меѓу топ 10 диџеи за 2022 година, но интересно е што тој има премиера на Балканот. Во понеделник е неговиот настап. Првиот ден е настап на Lost Frequnecies, кој што беше многу одамна во 2016/2017 година. Во сабота е Vini Vici, кој мислам дека е најголем миленик на македонската публика, во недела се W&W кои се пионери во краут контроли и некои други работи кои ја одбележуваат оваа музичка сцена. Диџеи од цел свет, од Австралија, Јапонија, Холандија, Германија и од земјава. Навистина цел свет доаѓа во Охрид, истакна Милошески.

Охрид ќе биде голем европски центар кога е во прашање електронска музика и овој тип на настани наредниов викенд. Сакам да ја истакнам и улогата на градот и градоначалникот оваа година. Имавме некои проблеми изминативе две три години кои беа од логистичка, човечка и техничка природа и секоја година се мислам дали да продолжиме понатаму. Но, оваа година добивме Општина која многу побрзо и покоректно и конкретно размислува кога е нашата работа во прашање исто како и имиџот на Охрид и се надевам дека во наредниве неколку години во сите сегменти ќе работиме многу повеќе во Охрид. Ќе се обидеме повторно и некој сериозен рок концерт да направиме. Моето мото оваа година е дека ако „Европа не не сака, а дефакто не не сака, нас ни преостанува само светот да го носиме во Македонија, а Охрид е дел од светот“, додаде Милошевски.
Охрид и оваа сезона е еден од најатрактивните центри во регионот кој може да се пофали со музичка забава и концерти од светски ранг. За овој епитет голема заслуга имаат докажаните професионалци од Авaлон продукција кои преку „Ohrid calling“ ги носат во Охрид најпознатите ѕвезди од електронската музика, рече градоначалникот Кирил Пецаков.
Со организирањето на овој фестивал Охрид зазема препознатливо место на мапата на музички настани и привлекува бројна публика од цела Европа. Четиридневното случување значително ја збогатува и туристичката понуда за гостите и туристите кои веќе летуваат тука. Сметам дека оваа современа фестивалска приказна треба да продолжи да живее и да се надградува. Затоа и Општина Охрид го поддржува настанот отстапувајќи ја инфраструктурата. Верувам во капацитетот и искуството на Авалон и убеден сум дека и оваа година љубителите на електронската музика ќе уживаат во неповторливите музички настани и ќе понесат најубави спомени од Охрид, истакна Пецаков.
Воедно упати апел до посетителите и целокупната публика да ги почитуваат сите мерки на безбедност и примерно однесување кои се пропишани од организаторите, а до граѓаните на Охрид големо трпение и гостопримливост кон гостите на фестивалот.
Н.С.Ј.
фото/видео. А. Момироска/К.С.














