Тим од триесетина светски научници ќе работи на испитувањето на седиментот кој ќе биде изваден од дното на Охридското Езеро, со цел да се утврди староста на едно од најзначајните природни езера во Светот.
Проектот кој го предводи Универзитетот во Келн, Гермнанија, предвидува истражувањата да се вршат на пет точки во Езерото. Во оваа фаза ќе се дупчи на една точка во најдлабокиот дел од Охридското Езеро. За таа цел на средина од езерото поставена е специјална плаформа донесена од САД, на која е инсталирана опрема за дупчење и вадење на седимент од дното на Охридското Езеро.
-Веќе е извршено дупчење на длабочина од 104 метри и утврдена е старост до 150.000 години. Целта е да ја утврдиме целосната старост на Охридското Езеро за која претпоставуваме дека изнесува околу 2 милиони години, но исто така да ги истражиме еволутувните процеси, бидејќи Охридското Езеро има најголем број ендемски видови од сите природни езера во светот. Се очекува да бидат добиени значајни податоци за климатските промени и тектонските движења бидејќи имаме сознанија дека во минатото делови од крајбрежјето кај Лин од едната и Пештани од другата страна биле погодени од мало цунами-истакна на презентацијата на проектот Бернд Вагнер, раководител на проектот кој го носи работното име „SCOPSCCO“.
Седиментот изваден од дното на езерото ќе се складира и анализира во Универзитетот во Келн, а научните сознанија во прво време ќе бидат достапни само за вклучените страни во проектот, а подоцна и за целокупната научна јавност во светот, истакна Вагнер.
Научниците од Хидобиолошкиот завод од Охрид- ХБЗ, во оваа фаза не се директно вклучени во истражувањата, освен со логистичка поддршка.
-Во оваа фаза на проектот ХБЗ ќе дава само логистичка поддршка на овој научен проект. Во фазите што ќе следат потоа веројатно ќе се вклучени и научници од ХБЗ кога ќе дојде да се испитува биолошки материјалот.-изјави Сузана Патчева – директор на Хидробиолошки завод Охрид.
Проектот е одобрен од македонската влада, но не е предвидено 24-часовна физичко присуство на овластени лица од земјава на платформата, што се должи на безбедносни процедури, тврдат организаторите на амбициознот проект.
-Нема да имаме човек од Хидробиолошкиот завод кој ќе биде 24 часа присутен на платформата, затоа што тоа не е дел од договорот и концептот на идеи. Но имаме цело време наш човек кој е присутен таму, како логистика. Проектот е поддржан од владата и договорено е Капетанија да врши контрола на платформата. Значи иако не сме 24 часа присутни на неа, ние сме 24 часа во функцја на контрола на тоа што се слулчува на платформата.-истакна Сашо Трајаноски од ХБЗ Охрид.
Научните работници појаснија дека од безбедносни причини на платформата можат да се присутни само 6-7 луѓе, стручни лица кои ќе го вршат дупчењето. Тие упатија апел до граѓаните поради сигурност да не се доближуваат до платформата која е поставена на срсдина од езерото, односно да држат безбедно растојание од 100 метри.
Идејата за испитување на староста на Охридското Езеро оргинално потекнува од средината на 90-те години од минатиот век, а првите истражувања се започнати во 2001 година. Дванаесет години подоцна конечно започнува детално испитување на седиментот од дното на Охридското Езеро. Првата фаза од проекот кој ќе трае до јуни чини 2,5 милиони долари, обезбедени од меѓународни фондации, а од финансиските можности, ќе зависи реализацијата на следните истражувачки фази.