На 1-ви април оваа година ќе започне големиот научен проект на Универзитетот во Келн, Германија, со поддршка на Хидробиолошкиот завод од Охрид, за утврдување на староста на Охридското Езеро, климатските промени и настанувањето на живиот свет во него.

Охридско Езеро е најстарото европско езеро кое го одликува континуитет на постоење од неговото создавање па се до денес. Тоа е длабоко олиготрофно езеро кое припаѓа во групата на прастари езера кои се одликуваат со специфичен животински и растителен свет кој обилува со ендемични и реликтни форми. Иако во литература преовладуваат различни ставови за староста на езерото (од 2-10 милиони години) сепак староста од 3-5 милиони години се смета за најверодостојна. Утврдувањето на точната старост и потеклото на Езерото е токму главната цел на меѓународниот проект со работен наслов SCOPSCO (Scientific Collaboration on Past Speciation Conditions on Lake Ohrid)-Научна соработка за проучување на условите на специјација во Охридско езеро, информираат од Хидробиолошкиот завод.


Идејата за проектот се базира врз прелиминарните сеизмолошко-седиментолошки истражувања обавени во Охридско езеро во периодот од 2004-2011 година. Во овие истражувања во кои беа добиени седиментни секвенци направен беше пресек на геолошките “случувања” за периодот од последната глацијација односно интерглацијален циклус. Резултатите од овие истражувања всушност ја потврдија претпоставката дека Охридско Езеро може да се смета за потенцијален објект за започнување на длабочинско дупчење врз основа на кое ќе се утврди уделот на геолошките случувања од минатото на главните еволуциони процеси во езерото кои генерирале екстремно висок диверзитет и ендемореликтен карактер на животинската и растителната населба во езерото, ќе се добијат резултати за тектонските и вулканските промени но и промените во климатските услови во централниот и северниот дел на Медитеранот и ќе се добијат попрецизни информации за староста и потеклото на Езерото.

Во периодот од 13-17 октомври 2008 година, во Охрид, се одржа работна средба на која со стручни излагања од областа на геологијата, хидрологијата, климатологијата и хидробиологијата реферираа научници од 11 земји од Европа и Соединетите Американски Држави. Врз основа на овие излагања креиран беше предлог проект за длабочинско дупчење во Охридско езеро кој беше доставен до ICDP (International Continental Scientific Drilling Program) Интернационална програма за континентално научно дупчење. Во 2009 година, предлог проектот беше прифатен и во неговото финансирање покрај ICDP, се вклучија и националните научни фондови на Германија, Италија и Велика Британија.


Република Македонија на Седницата на Владата од 25.08.2010 година, целосно го поддржа овој проект и го назначи Министерството за образование и наука како координатор за имплементација на проектот чија финансиска конструкција изнесува 2,5 милиони американски долари. Во Меморандумот за разбирање потпишан помеѓу Министерството за образование и наука и ICDP, Хидробиолошки завод Охрид беше назначен како институција која ќе даде целосна логистичка поддршка при реализација на целите на проектот, додека Капетанијата на пристаништа на Охрид (Министерство за транспорт и врски) треба да овозможи непречен транспорт и поставување на опремата на точките во езерото предвидени за дупчење, која веќе се инсталира во Елешец.


Дупчењето ќе биде вршено на 5 точки на езероското дно кои се избрани врз основа на сизмичките, седиментолошките и тектонските испитувања извшени во периодот од 2004-2011 година. Главен истражувач на проектот е Д-р Бернд Багнер  од Институтот за геологија и минерологија при Универзитетот во Келн, Германија.

Проектните активности се планирани да траат 60 (евентуално 75) дена во периодот од 1 април до 17 јуни 2013 година. Опремата која ќе биде користена при дупчењата (платформата, дупчалката и другата опрема) е со сите потребни сертификати за квалитет и безбедност. Во текот на склопување на платформата и дупчалката нема да има никакви градежни зафати од траен карактер. Целокупната опрема се третира како привремен увоз (АТА Carnet) и по завршувањето на проектните активности ќе биде испратена назад до компанијата која е сопственик и подзиведувач на активностите (DOSECC-Drilling, Observation and Sampling of the Earths Continental Crust), појаснуваат од Хидробиолошкиот завод.

Официјалниот почеток на проектот е предвиден за 1 април, додека еден ден порано, на 31 март планирано е поставување на платформата на првата од вкупно 5 истражувачки точки.

OhridNews
фото: Дим Дон