Уметничките селектори на „Охридско лето“ за претстојното 51-издание најавуваат богата фестивалска програма.
Како особено значаен настан на годинешното издание на Охридско лето во музичкиот дел се истакнува делото „Трилогија Романа“ во изведба на Македонската филхармонија, а во продукција на „Ла фура делс баус“ од Барселона со кое свечено ќе биде отворен фестивалот на 12 јули. Во Охрид годинава ќе гостуваат осумте тенори од Русија, наречени тенори на 21 век со освоени голем број престижни награди насекаде во светот, а се издвојува и настапот на Најџел Кенеди, најпродаваниот виолинистот, кој освен класична музика свири и џез музика. Неизоставно е да се спомене и заедничкиот настап на Влатко Стефаноски и Стефан Миленковиќ, на 2- ри август на Античкиот театар.

Исклучително богата програма се најавува и во драмскиот дел.

Предводени се три премиери од македонска продукција-  првата во изведба на Македонскиот национален театар кој ја подготвува  претставата “Свадбата на Фигаро”. Втората премиера е “Кабаре мистериозо” во режија на Дејан Дамјановски, а во изведба на Охридскиот театар.  Фестивалот на 20 август ќе биде свечено затворен со грандиозната претстава “Одисеј”, работена според Хомер, во режија на Александар Морфов,а во изведба на Битолскиот театар.

На програмата ќе се најдат и претставата “Зимска бајка” од Шекспир, во изведба  на театар од Бугарија, како и настапот на најголемиот светски театарски танчер Јозеф Наџ, кој доаѓа за прв пат во Охрид.

Програмата на фестивалот „Охридско лето“ што традиционално се одржува од 12-ти јули до 20-ти август, ќе биде претставена на прес конференција што денеска ќе се одржи во Скопје.

Како што е најавено на прес-конференција по повод одржувањето на 51-то издание на фестивалот, ќе присуствуваат в.д директорот на „Охридско лето“, Илија Мојсоски, и музичкиот и драмскиот селектор на програмата на оваа реномирана манифестација, Гордана Јосифова-Неделковска и Ѓорги Јолевски.

OhridNews