Еминентни имиња во светски рамки присуствуваат на III Балканскиот конгрес на ортодонти, што се оджува во Охрид на кој учествуваат над 300 стоматолози специјалисти од областа на ортодонцијата, како и универзитетски професори од Македонија, државите од регионот, но и целиот свет.

Дел од научната фела на Конгресот се и неколку светски признаени експерти со македонско потекло како Васка Вандевска Радуновиќ која е шеф на катедрата за ортодонција на Универзитетот во Осло и иден претседател на Европската ортодонтска асоцијација. Тука е и Ана Ангелова Волпони, светски признато име од областа на ортодонцијата, дел од научниот тим за биоинжинеринг што работи на создавање заб од дентални матични клетки.

На тридневниот научен собир што го организира Македонското ортодонтско друштво, врвни експерти по ортодонција преку повеќе предавања ги презентираат најновите методи во областа, а покрај споделување на личните искуства тие ќе спроведат и практични обуки, како и  работни курсеви за учесниците на собирот.

Покрај експертски предавања и дискусии од ортодонцијата, за прв пат на ваков собир цела една сесија е посветена на етиката во ортодонцијата. Како што информираат организаторите, потребата за дискусија на оваа тема доаѓа од се поизразените потреби од етичко одлучување на ортодонтите, како во секојдневниот нивен професионален ангажман, така и во научните истражувања.

Според најавите специјалистот Игор Кировски ќе биде назначен за член на Етичкиот комитет на Европската федерација на ортодонти.

OhridNews