Светски познатиот виолинист, Стефан Миленковиќ и реномираниот ансамбл „Камерата Нови Сад“ вечерва ќе настапат на сцената Долни Сарај со изведба на уникатното дело „Кармина Бурана“ во рамките на програмата на „Охридско лето“.

„Кармина Бурана“ е верзија за виолина и камерен оркестар истакна на денешната одржана прес конференција Миленковиќ

На тоа додадовме дела кои се вклопуваат во прогрмата тоа се „Три Прелудиуми“ од Гершвин со аранжман за виолина и камерен оркестар, „Лето“ од Пјацола затоа што е лето и „Квин“ на Фреди Меркјури со „Боемска рапсодија“, дело кое моравме да го вклопиме во програмата без оглед на сезоната, фестивалот и стилот, будејќи е безвременска балада. „Кармина Бурана“, во суштина е дело, засновано на записи од 7. век, кои се пронајдени во манастир во Баварија, напишани од т.н. Голијарди. Врз основа на тоа Карл Орф го напишал феноменалното дело „Кармина Бурана“. Тесктовите говорат за разни работи, за љубов, живот, улогата на среќата во животот. Во суштина тие групи биле мали и свиреле со неколку инструменти, а не со 200 луѓе на сцена. И кога прв пат кога почнав да разговарам на таа тема со Ана Крстајиќ како би можеле ова дело да го собереме во мала форма испадна дека таа форма се приближила до оригиналниот облик и видовме дека има можност и дека тоа ќе биде феноменална идеја, додаде Миленковиќ.

Уметничкиот раководител на ансамблот „Камерата Нови Сад“, Марко Милетиќ смета дека програмата е одлична за настап на овој реномиран Фестивал

Сметам дека со подобра програма на еден ваков Фестивал и вакво фантастично место, не можеме да се претставиме. Се надевам дека сите ќе уживате во вечерашниот настап, рече Милетиќ.

„Охридско лето“ и во ова 62-ро издание ја продолжува традицијата за соработка со Амбасадите во Република Северна Македонија со чија помош се реализираат настапи на истакнати и еминентни уметници. Вечерва, во рамките на „Српска вечер“, „Охридско лето“ ќе понуди нешто ново, ексклузивно, многу атрактивно и наменето за пошироката публика, истакна директорката на националната установа „Охридско лето“ Наташа Поповиќ.

Ова е уште еден проект со врвен квалитет и реномирани уметници кој изобилува со енергија, страст, врвна интерпретација а сето тоа за големо уживање на фестивалската публика. Стефан Миленковиќ многупати досега имаше можност да ѝ се претстави на македонската публика, која не остана рамнодушна на ниеден негов настап, но овој исклучителен виолинист ги воодушевува и љубителите на музиката низ целиот свет. Виртуозот на виолина Стефан Миленковиќ од рана возраст го доби епитетот ,,чудо од дете” а поради неговите врвни настапи, тука, на фестивалската сцена на „Охридско лето“, слободно можам да кажам дека е наш голем пријател и миленик на публиката. Ансамблот „Камерата Нови Сад“ редовно учествува на значајни фестивали во Србија. Минатата сезона настапија на отворањето на првата градска концертна сала во Нови Сад, гостуваа на фестивалот во Котор и на фестивалот за камерна музика во Нови Сад. Заедно со Стефан Миленковиќ го реализираа проектот „Кармина Бурана“, рече Поповиќ.

Концертот вечерва е со почеток во 21 часот, на сцената на Долни Сарај, а како што најави Поповиќ ќе биде надополнет со уникатни ефекти. Воедно истакна дека фестивалот „Охридско лето“ до 20 август продолжува со реализирање на годинешната квалитетна, ексклузивна и атрактивна програма.

Н.С.Ј.

фото/видео А. Момироска