По повод Светскиот ден за борба против хепатитисот, 28-ми Јули, а со цел подигнување на свесноста на населението, Министерството за здравство во соработка и партнерство со „Хепар Центар Битола“ и „Ретко е да си редок“, здржение за ретки болести Охрид, Универзитетските клиники за гастроентерохепатологија, инфективни заболувања, дигестивна хирургија, онкологија, интервентна радиологија ќе ги претстави најзначајните напредоци и активности во борбата против хепатитисот, црнодробниот карцином и други заболувања на црниот дроб во нашата земја.
Еден од најголемите предизвици во борбата против хепатитисот е превенцијата и раното откривање. Затоа, со голема посветеност, ќе ја претставиме нашата мобилна единица, која ќе обезбедува тестирање за хепатитис Б и C, како и ХИВ и еластографија неинвазивна дијагностика базирана на ултразвук која се користи за мерење на (Лузни) оштетувања на црниот дроб или фиброза предизвикани од најразлични заболувања на црниот дроб во осум градови во нашата земја: Скопје, Тетово, Гостивар, Струга, Охрид, Битола, Струмица и Штип, информираат организаторите.
Амбулантно возило од Урегентниот центар, додаваат, е опремено со најсвремени тестови за тестирање на хепатитис Б, Ц и ХИВ како и најсовремен еластограф кој ќе се изведува бесплатен и анонимен скриниг на граѓаните за црниот дроб.
Додатно го најавуваат и отворањето на првиот црнодробен центар во нашата земја кој е опремен со најсовремена дијагностика и современа терапија, што ќе овозможи да се зголемат шансите за излекување и подобрување на квалитетот на живот на пациентите.
Во Охрид и Струга одбележувањето на Светскиот ден е закажано на 30 јули и тоа на плоштадот во Охрид со почеток во 9.00 до 11.00 часот и на градскиот плоштад во Струга во близина на Мостот на поезијата со почеток во 18-20ч часот. Оваа иницијатива ни овозможува да стигнеме до поголем број на луѓе и да го препознаеме заболувањето во рана фаза, што е од суштинска важност за успешното лекување. Нашата борба против хепатитисот не се ограничува само на овој ден, туку трае цела година, додаваат организаторите.
Решени сме, велат, да продолжиме да ја подигнуваме свеста кај луѓето за заболувањата на црниот дроб и начините за превенција и лекување, додавајќи дека заедно Министерството за здравство, Хепар Центар Битола, клиниките и другите здравствени институции, работат за подобрување на здравствената нега и услугите за сите граѓани.
OhridNews
фото. Архива