Светскиот ракометен првак Шпанија втор пат за краток период ја “преслуша“ Македонија во квалификациите за Европското првенство во Данска 2014 година. “Црвената фурија“ со 29:17 (12-8) ја забележа четвртата победа во групата и ја “чекираше“ визатата за континенталниот собир следната година.


Без повредените Кирил Лазаров, Филип Миркуловски, Бранислав Ангеловски, Велко Марковски, Недановски па и Дејан Манасков “фалангата“ имаше сила само за 20 минути против Светскиот првак.

До тогаш избраниците на селекторот Ивица Обрван им се држеа на “златните момчиња“, а во 22 минута “црвено жолтите“ со серија од 3-0 стигнаа до (-1 ) 8-7.

Но, тука некаде застана македонскиот брод во Гвадалхара. Шпанија со лесни голови во финишот од првиот дел стигна до предност (+4 ) 12-8.

Во вториот дел македонската игра претрпе “распад систем“. Техничките грешки се редеа, а Шпанија со голови од контри и полуконтри ја решетеа мрежата на голманите Митревски и Ангелов и стигнаа до убедлива победа изразена со 12 голови разлика 29-17.

Ако на голот во Скопје шоу имаше Штербик, сега во Гвадалхара имаше Сиера со 16 интервенции. Најпрецизен во составот на Шпанија беше Риера со седум голови додека во отсуствот на Лазаров, голгетерската палка ја презеде Ојлески, кој постигна четири погодоци.

Следните два натпревари во групата ќе бидат пресудни за македонската селекција. Во петтата рунда Македонија гостува во Швајцарија додека во последната на домашен терен победа со повеќе од осум голови разлика ќе бркаат против Португалија.

Мх.П.