Разговорот го подготви и реализираше нашиот соработник: проф. Димче Донески
Деновиве Светската академија на учители http://www.globalteacherprize.org/, на натпреварот за најдобра учителка или најдобар едукатор во светот ја избра и нашата Весе Весела Богдановиќ, учителката од село Ивањевци, општина Могила, која од илјадници пријавени (наставници и професори) од 150 земји е избрана меѓу првите педесет и која понатаму ќе се натпреварува за сосвојување на приматот најдобра која ќе и донесе ни помалку ни повеќе, туку 1 000 000 ( еден милион! ) долари! Што е уште позначајно оваа наша Весе Весела Богдановиќ, која 12 години секојдневно пешачи до селското училиште во Ивањевци и која стравува да не остане без ученици, токму таа е единствена од Балканот која ја понесе оваа светска титула за годината што измина. Нашата љубопитност и гордост како Македонци не’ инспирира да се сретнеме со учителката – светска лауреатка при што ја замоливме за краток разговор и за одговор на нашето љубопитство. Еве, како течеше првото кратко наше интервју со светски најдобрата, а сепак наша учителка Весе Весела Богдановиќ.
Најпрвин искрени честитки за освоената награда и статус на најдобра учителка во светот!. Името на Весе Весела Богдановиќ е веќе име за во историја на просветителството во Македонија. Какви се чувствата, учителке?
– Да бидам искрена, најчесто и не верувам дека ова ми се случува мене. Толку многу објави во вести и весници, на интернет портали, моето име насекаде…Често ми се случува да си го читам името и најава за мене на лентата које тече за време на вестите а чувствувам колку сеуште не ми се верува дека тоа може да сум јас. На почетокот ги собирав сите линкови од објави, сите весници, видео материјал од дневни вести а сега веќе осеќам дека и во тоа се изгубив. Мојата училница скоро секојдневно е посетена од некој медиум а јас, учителката која снимала сама 200 свои часови, која храбро стоела пред камерата, сега некако цела се вознемирувам пред камерите и едвај знае како да каже нешто паметно. А што да кажам? Ме прашуваат што е она што е посебно во мојата работа а јас не верувам дека некогаш во животов сум се обидела да правам нешто необично, тоа сум само јас, едноставно јас. Сакам дечињата да бидат среќни кога се со мене и да го сакаат училиштето. Ми ги шепнуваат своите желби а јас пребарувм низ наставните цели и наоѓам како и кога да им ги исполнам. Овие дечиња не посетувале градинка, ова е нивно прво одделување од дома. Моите првачиња мора да бидат среќни, тоа е мојата цел. За мене е најтешко да кажам што всушност правам, најубавите идеи едноставно се случуваат поттикнати од дечињата и нивните весели очиња. Секогаш во чантата имам тетратка за шкртаници, таму ги запишувам сите мои идеи, се она на што се ќе се сетам а мислам дека нив може да ги направи среќни. Не постои мое дневно планирање кое е побогато, постручно и попрофесионално од моите секојдневни шкратици, забелечки, идеи. Токму тие се вистинското богатство на еден наставник.
За каков натпревар се работи и кој е организаторот во меѓународни рамки?
-Се работи за светски натпревар во кој на почетокот учествуваа 150 земји од Светот и илјадници пријавени едукатори. После избор извршен од страна на Академијата на фондацијата, јас се најдов помеѓу 50 најдобри едукатори во светот. Велам едукатори бидејќи во групата сме и вопситувачи, одделенски наставници, предметни наставници, акдемски професори, доктори на науки..Она што е посебно интересно е дека сега јас сум единствен претставник од Балканот. Натпреварот го организира Варки Фондацијата. Нејзината основна цел е да ја издигне наставничката професија на високо ниво, да го врати сјајот, важноста и почитта кон оваа професија. Најдобро околу ова може да се види на самата веб страна: http://www.globalteacherprize.org.
Од каде ја добивте идејата да влезете во трка за најдобар учител?
-Се пријавив на линк кој мојата колешка по англиски јазик Марија Петреска го сподели кај мене за ѕид и ме убеди дека морам да аплицирам. Втор пат се откажав кога ја видов самата апликација и што се се бараше во неа, но таа повторно беше со мене, ме охрабри да одам чекор по чекор и така сфатив дека всушност да, навистина можам да одговорам на сите потреби на повикот. Голема благодарност до неа. Тоа е доказ колку ние наставниците несебично соработуваме помеѓу себе. Таа е нашиот овогодишен Микрософ Експет- едукатор на Македонија. Нема поубаво и попродуктивно за напредок во професијата од соработка со колегите, било да се секојдневно до вас или со оние кои работаат во далечни училишта кои ретко ги среќавате, но се тука секогаш за вас, како во овој мој случај.
Претпоставувам дека Вашите ученици ве мотивираа за една ваква креативна настава која за нив претставува занимливост и нивна внатрешна мотивација за успешен час и успешни креации?! Всушност, кои се вашите ученици и каква е соработката со нив?
-Јас сум првата учителка на 12 генерации првачиња од селото Ивањевци. Дури и кога ќе пораснат тие се и понатаму мои партнери и соработници, Доаѓаат во нашата училница и во улога на ментори помагаат во реализација на многу активности и тоа посебно ме радува. Кога ќе излезам во дворот сите за миг се околу мене, поубаво од тоа чувсто не постои. Родителите исто така се мои добри соработници. Иако се занимаваат со земјоделска работа секогаш имаат време за нас, во секое време се мои гости, заедно планираме проектни активности, ми помагаат да собираме отпадни материјали кои ги пренаменуваме во нагледни средства за различна повеќекратна употреба, затоа нашата училница е секогаш богата и весела. Затоа што имам големи и мали, насмеани и секогаш расположени соработници.
Колку долго траеше овој натпревар и врз што конктетно ве набљудуваа, вредуваа и оценуваа?
-Натпреварот се’ уште трае. За прогласување на 50 те најдобри се вреднуваше се’ она што го приложив како мој 12 годишен труд. Веб страните, 200 едукативни филмови, проектни активности, работни листови…Меѓу најважните работи за нив е тоа што јас секојдневно својата работа ја споделувам јавно, нудам свои едукативни примери бесплано достапни на сите, соработувам со многу колеги во земјава и соседните земји. Понатаму, во средината на февруари ќе бидат избрани 10 финалисти. За влез во тој круг сега најважна е поддршката на земјите од каде доаѓаат наставниците. На Фондацијата и е важно да види колку земјата, граѓаните, колегите, го поодржува својот кандидат, како потврда за него.
Имавте ли на располагање некои ресурси со оглед на разноликата креативност на часовите?
-Изработувам ресурси со пренамена на отпаден и природен материјал, заедно со моите ученици а потоа ги користиме за различна намена, зависи кога за што ќе има потреба. Од соседите, роднините и колегите собирам стари играчки и потоа ги вклопувам во наставата кога има прилика. Често средстватата ми се основна мотивација за креирање цели планови за најубавите наши часови. Син ми има 12 години, И кога имаше 2 години мојот татко му беше најверен, омилен другар. Татко ми откри дека Бојан многу сака да си игра со пластични капачиња од шишиња и така почна да ги собира за него, шарени, во сите бои. Потоа со него редеа долги патеки низ целата соба. Од тогаш капачињата се составен дел на многу мои едукативни активности по различни предмети. Ова ви го раскажувам како драг пример.
Вие веќе сте пример за успешна и креативна учителка. Признание за тоа освен светската награда од натпреварот, добивте и од премиерот и од министерот за образование. Како Ве пречекаа министерот и премиерот и кои се нивните импресии и што Вие им порачавте (што би им порачале)?
-Навистина имав прекрасен прием и во Владата на РМ и во МОН. Јас, учителката Весе која 12 години патува од Битола до селото Ивањевци, секој, ама баш секој август и септември ги поминува во солзи страхувајќи за опстанокот на своето работно место поради се’ помалиот број на деца, за која во градот во кој живее никогаш и немало место, личност која нема никакви влијателни позадини за да успее, јас доживеав за мене срдечно да се отворат вратите за кои не сум ни сонувала дека можам ни да ги допрам. Соработката со Владата и МОН продолжува и понатаму. За тоа повеќе во некоја следна прилика . Се’ уште ми е тешко да верувам дека оваа моја приказна е навистина реалност, а не само дел од нешто што сум мечтаела или сонувала да ми се случува.
Што би им порачале на Вашите колеги наставници, учители?
Не знам што би им порачала на своите колеги. Во овие денешени услови и случувања што и да кажам нешто или некому може ќе згрешам. Но сепак, би рекла: Да бидат упорни и да веруваат во својот стил на работа и во себе. Да ги слушаат своите инстикти и секогаш да наоѓаат мудар начин како себе си да се вклопат во промените и промените да ги вклопат во себе си, а притоа да не го изгубат својот личен белег. Како најважно од се’, на сите им порачувам да соработуваат, да го споделуваат јавно своето искуство, ширум да ги отворат своите училници за светот. Никој не може да знае колкаво богатство од подготвен стручен кадар има нашата земја, ако тоа не се покажува.
Од друга страна, јас сум уверена дека учител не се станува, учителот се раѓа со желба да биде учител. Повеќе би ги советувала младите да внимаваат во изборот на својата идна професија, тоа е најважно од се’.. Да се биде учител треба да се има вродена љубов кон пеење, играње, цртање, глумење, творење…Ова заокружено со огромен облак на трпение и љубов кон децата, а пред се’ наставникот, учителот на деца длабоко во себе мора се’ уште да биде дете.
OhridNews


.jpg)
.jpg)











