Претставници од локалната самоуправа, од Здружението на граѓани „5- ти септември“,од охридската Капетанија на пристаништа, граѓани и претставници од Генералниот конзулат на Република Бугарија во Македонија, попладнево положија свежо цвеќе пред спомен плочата во чест на 15- те загинати бугарски туристи во бродската несреќа која пред четири години се случи во водите на Охридското езеро.
Вршителот на должноста конзул во Конзулатот на Република Бугарија во Македонија, Данчо Минчев изрази благодарност што секоја година во Охрид се одбележува денот на трагичниот настан .
– Им благодариме на сите оние кои не го забораваат трагичниот настан. Се надевам дека во скора иднина на ова место или во близина на местото каде се случи несреќата ќе биде поставено подостојно спомен обележје во знак на сеќавање на загинатите. Се надевам дека за тоа ќе помогнат локалната самоуправа и градоначалникот Бакрачески, како и бугарските власти, рече Минчев додавајќи дека за семејствата на загинатите е особено тешко да дојдат во Охрид, каде на 5- ти септември пред четири години ги загубија своите блиски.
Претседателката на советот на општина Охрид, Гордана Коњановска, изрази сочуство до семејствата на настраданите бугарски туристи и потенцира дека локалната самоуправа и министерството за транспорт и врски , и понатаму ќе продолжат да преземаат мерки во насока на безбедно одвивање на сообраќајот во водите на Охридското езеро, со цел да се избегнат трагични настани како бродската несреќа на 5- ти септември 2009.
Во знак на сеќавање на жртвите на местото на несреќата , во водите на езерото беше фрлено свежо цвеќе.
OhridNews