Процесот на вештачко боење на свилата би можел да стане непотребен, тврдат научниците од Сингапур, кои сметаат дека наскоро ќе биде можно да се бои свилата на природен и поевтин начин, односно со додатоци во исхраната на свилените буби. Научниците извеле експеримент во кој во храната на свилените буби додале мала количина боја.


Имено, тие ставиле хемиска супстанца родамин B која има својство на боја, и така постигнале бубата да произведува свилени влакна во розе боја. Производството на влакна со жолта и сина боја било постигнато со помош на родамин 110 и родамин 101. Минг Јонг Хан од институтот за истражување на материјалите во Сингапур изјавил дека овој начин на боење е еколошки, како и дека додатоците во исхраната не влијаат врз растот и здравјето на свилените буби.