Националната установа – манифестација „Струшки вечери на поезијата“ денеска објави конкурс за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија, објавена на македонски јазик во периодот од 1 јуни 2022 година до 31 мај 2023 година.

На конкурсот, кој ќе трае до 25 јули, како што е наведено, може да биде пријавена и книга објавена двојазично, каде поетското творештво на македонски е оригинално создадено, односно, не е превод од друг јазик.

Пријави можат да поднесат авторите или нивните издавачи со согласност од авторот, а еден автор или издавач може да учествува со неограничен број наслови. Пријавените поетски книги треба да се првообјавени во периодот за кој се доделува наградата и да не бидат претходно објавени на друг јазик. Можат да бидат пријавени само дела од еден автор, додека коавторски дела се неприфатливи. Книгите мора да имаат ISBN број, стои во конкурсот на СВП.

Според конкурсот, книги од членови на Управен и Надзорен одбор на СВП, директорот на институцијата, вработени или членови на жири-комисијата и нивни поблиски роднини нема да бидат прифатени.

Авторите или издавачите за учество на конкурсот мора да испратат шест примероци од книгата на адреса: НУ манифестација „Струшки вечери на поезијата“, поштенски фах 111, „Браќа Миладиновци“ бр.5, 6330 Струга, Република Северна Македонија.

OhridNews