СВР-Охрид со пригодна свеченост го одбележа 9-ти Декември, Денот на превенцијата и четири години од воведувањето на превенцијата во полициското работење .

Според началникот на СВР-Охрид, Зоран Сарафиловски, во последниот период се бележи подобрување на работата на Локалните совети за превенција, но се очекува уште поголемо интензивирање на активностите што зависи од градоначалниците.

– Верувам дека оваа состојба во иднина ќе биде подобрена и локалните лидери ќе ја разберат силата на ова тело за навремено реагирање и планирање на активности по сите ризици кои ја загрозуваат безбедноста на општините, истакна Сарафиловски кој додаде дека особено значајна е соработката на полицијата со медиумите, невладините организации и здруженијата на граѓани, кои даваат значаен придонес за успешно спроведување на концептот „Полицијата со заедницата“.

Портпаролот на СВР Охрид, магистер Стефан Димоски, потенцира дека од особено значење е превентивната функција на македонската полицијата што е еден од низата демократски обележја како  носител на новиот имиџ на полицијата кон целосна блискост и партнерство со граѓаните.

– Севкупната полициска работа треба да се темели на превентивното работење, а репресивната мора да биде на втор план и да се применува исклучително во подрастични случаи на кршење на законските регулативи и прописи, додаде м-р Димоски.

OhridNews