Охридската полиција подготвува пријави против тројца граѓани за напад и спречување во работата на униформирани службени лица, во инцидентот што вчера попладне се случи на ул. „Даме Груев“ во Охрид.
Како што соопшти МВР, при преземање мерки по нарушен јавен ред и мир, биле нападнати двајца полициски службеници. Нападот го извршиле 35 и 36-годишен охриѓанец. Едниот од нив со секира на едниот полициски службеник му нанел расекотина во пределот на градите додека другиот му ја скинал униформата на другиот полициски службеник. При приведувањето на лицата, полициските службеници биле спречувани од страна на 52-годишно лице. Тројцата се приведени во ПС Охрид, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок, информираат од МВР.
Иако првично беше соопштено дека минале неповредени, на нападнатите полициски службеници во Медицински центар Охрид констатирани им се телесни повреди.
OhridNews