Секторот за внатрешни работи Охрид изнесе детали за тешката сообраќајна несреќа што се случи синоќа во 22.30 часот на булеварот „Туристичка на кружниот тек со улицата „Јане Сандански“, во која животот го загуби едно лице.

Како што информира СВР Охрид, патничко возило „фолксваген голф“ со охридски регистарски ознаки, управувано од И.С.(22) од селото Пашино Рувци, прилепско, со престој во Охрид, удрило во метален столб, а потоа и во пешаците А.Б.(44) од Охрид и Д.П.(52) од Скопје.

Од здобиените повреди А.Б. починала во Специјалната болница „Св.Еразмо“, а лекар констатирал смрт. Со тешки телесни повреди се здобил Д.П., додека со телесни повреди се здобиле возачот И.С. и неговиот сопатник К.М.(19), констатирани во болницата „Св.Еразмо“ и во Општата болница Охрид.

Извршен е увид од увидна екипа од СВР Охрид, а по наредба на Јавен обвинител, И.С. е лишен од слобода, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, по член 300 став 2 од Кривичниот законик, соопшти СВР Охрид.

Очевидци за Охридњуз изјавија дека сликата на местото на несреќата била страотна. Еден од повредените пешаци завршил на тротоарот, а другиот во блиското градилиште, а две лица биле во патничкото возило што ја предизвикало незгодата. Иако во јавноста се појавија одредени шпекулации, официјално засега не се соопштуваат дополнителни детали од истрагата за околностите под кои настанала несреќата, во каква состојба бил возачот и дали имало некакви други околности кои влијаеле во случајот, освен дека се преземаат опсежни истражни мерки, вклучително и соодветни медицински тестови, кои треба да помогнат да се расветли трагичниот настан.

Г.М.