Денеска во 10:30 часот во полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, пријавено е дека, на пловен објект глисер кој бил во водите на Охридското Езеро, кај каналот „Студенчишта“, марка „Aquaviva 23“, сопственост на 47 годишно лице од Охрид, настанал пожар.

Повредени лица нема, а предизвикана е материјална штета на глисерот како и на други два глисери кои биле закотвени во негова близина. Врз запалениот пловен објект, веднаш интервенирале припадниците на Езерската полиција, на сообраќајната полиција како и припадници на Армискиот центар за обука на вода кои, од глисерот отстраниле 24 годишно лице од Охрид и со соодветна опрема за гасење, отпочнале со гасење на пожарот. Набрзо им се придружиле и пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Охрид со што е спречено натамошно ширење на пожарот а повикана е медицинска екипа од Итната медицинска помош, посочуваат од СВР Охрид.

По насоки на јавен обвинител, додаваат, на местото извршен е увид во присуство на полициски службеници, претставници од охридската капетанија на пристаништа. Глисерот е одземен за понатамошни вештачења.

OhridNews

Се запали глисер во каналот Студенчишта (дпл)